Избори во Германија: Големите сакаат нова влада до Божик

СПД и Унијата се против водење долги коалициски преговори и сакаат нова влада да има до Божик.

   

„Берлинската рунда“ традиционално се одржува по секои сојузни парламентарни избори во земјата

Мора да се направи сѐ за „да завршиме пред Божик“, изјави вечерва шпиценкандидатот на СПД, Олаф Шолц, на дебата со останатите партиски лидери по изборите во Германија. Тој додаде дека дури „би било добро“ и доколку со преговори се заврши „малку пред тоа“.

На исто мислење е и кандидатот за канцелар од редовите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Армин Лашет. Тој е против долги сондирачки разговори пред коалициските преговори. „Мислам дека за такво нешто немаме време“, рече шефот на ЦДУ. Тој укажа дека Германија наредната година го има претседателството со групата на најразвиени индустриски држави Г7. Меѓу другото и поради тоа би морало „новата влада да биде назначена брзо“ и да има завршница на коалициските преговори „во секој случај пред Божик“.

Парламентарните избори во Германија, според прогнозите, донесоа мртва трка на СПД и Унијата, со мала предност на Социјалдемократите. Нова голема коалиција на двете партии важи за неверојатна. Лашет во дебата на партиските лидери вечерва рече дека тој модел, според него, не е модел „за иднината“.

извор: ДВ

Back to top button
Close