Изборите и ненаучените лекции од Макијавели

Велат дека доколку некој сака сериозно да се бави со политика дел од задолжителната литература е секако и Макијавели. Ако ништо друго барем Владетелот, неговото најпознато дело. Дело кое е кратко и лесно разбирливо иако има да се чита по нешто и меѓу редови. Секако и да се чита прилагодено на актуелниот контекст, зошто сепак Макијавели живеел во време кога и најбруталните политички злостортства биле вообичаени и поминувале неказнети. Барем не веднаш.

   Колку всушност е актуелен Макијавели воопшто и особено во контекст на последните избори. Многу анализи за локалните избори се направени и уште повеќе допрва ќе се прават. Резултатите и последиците се претресуваат од сите агли. Некои остри, приличен број и тапи. Дали во целата таа лепеза на најразлични заклучоци, тврдења и претпоставки има место и за стариот, добар, Макијавели. Стар буквално, бидејки живеел и творел пред 500 години, а добар затоа што многупати неговите рецепти се покажале делотворни. Дали може нешто што било ефикасно пред половина милениум во време на брутални владетели кои доаѓале и опстанувале на власт буквално со крв на своите раце, да биде применливо и во ова модерно време, време на секакви напредни технологии и сосема различни економски, правни и политички системи. Кога би било можно него да го прашаат одговорот сосема извесно би бил потврден бидејќи тој бил убеден дека човековата природа не била променета илјадници години. И, не дека човековата природа е многу за пофалба. Напротив.
   Ако просечен граѓанин знае нешто за Макијавели, тогаш знае дека рекол “целта ги оправдува средствата”. Е, ама не рекол така иако неговото дело претставува расчистување со замаглувањето на политиката. Го отфрла лажното единство на политиката, моралот и доблеста и можноста за идеално владеење и владетел. Вели доста е со нудењето на идеални држави, нешто што никој нити видел, нити знае. Нештата треба да ги гледаме такви какви што се, а не такви какви би требале да бидат. Ја одвојува политиката од моралот на начин дека не е битно дали некој е добар човек туку е важно дали спроведува успешна политика.
Добар човек не мора да биде добар, во смисла успешен, политичар. Дали е некој добар човек знаат само луѓето од најблиското окружување и нивното мислење е небитно бидејки е важно само каков впечаток ќе остави на “плоштадот”, значи во јавноста. Тој на политиката гледа како на самостоен позив и занает при што владетелот (читај политичарот) треба да се посвети на она што е реалност, да се сконцентрира на склопот на објективните околности и што може во дадените услови да се постигне. Успешноста се мери спрема постигнатите резултати. Притоа очигледно неминовни се и жртви. За среќа не како и во времето на Макијавели, во буквална смисла на зборот. На трагот на неговото сфаќање на политиката, покасно, за време на Буржоаската револуција Сен Жист ќе констатира дека никој не може да владее без кривица. Тој кој владее не може да биде невин и недолжен.
   Очигледно е дека Макијавели расчистил со морализирањето во политиката и дека како прагматичар за него основен е интересот. Но, да видиме што конкретно ги советува владетелите.
   Владетелот мора да поседува одредени доблести како храброст, мудрост, решителност, но по потреба треба да покаже и безобзирност во одредни околности. Би било добро да биде сакан, но и да се плашат од него, а бидејки е тешко и едното и другото, подобро е да се плашат. Сепак владетелот не смее да дозволи да биде омразен и презрен.
   Го советува владетелот дека треба да војува само против еден непријател. Дали СДСМ освен против ВМРО требаше да “војува” и против Максим и неколку други градоначалници, против коалиционите партнери и против моќното скопско крило вклучително и самиот БЦ.
   Кога луѓето на владетелот стануваат омразени од народот тој мора да ги жртвува. Макијавели го наведува примерот кога Чезаре Борџија буквално го жртвува на плоштад својот намесник кој станал омразен кај народот и постоела опасност од бунт. Притоа забележува дека народот бил запрепастен, но задоволен. Секако овде не станува збор за буквално жртвување, меѓутоа не смееше да се игнорира одиумот што во јавноста го створија некои министри и блиски соработници на Премиерот. Нивната смена лебдеше во воздух и за решителен и прагматичен владетел решението беше повеќе од очигледно. Првиот суд за мудроста на некој владетел се донесува кога ќе се види со какви луѓе тој е окружен. Ако се тие способни таков е и владетелот бидејки умеел да ја препознае нивната способност. Ако не се такви, тогаш и за него ќе владее лошо мислење, оти првата грешка што ја направил, ја направил со тој избор.
   Особено влијание врз резултатот на изборите одигра надворешната политика. За меѓународните односи Макијавели, кој имал богато дипломатско искуство, нема никакви дилеми дека може да се постапува неморално, односно да се лаже. Повеќе отколку во внатрешната политика. И дека владетелите (политичарите) не мора секогаш да го одржат дадениот збор. Токму ова му се случи на Заев во надворешната политика, беше излажан од европските политичари, наивно верувајки им на збор. А Макијавели констатира дека оној којшто во секоја прилика настојува да биде добар, меѓу останатите кои тоа не се, порано или покасно мора да пропадне.
   Генерално Макијавели е антрополошки песимист, односно смета дека злото преовладува над доброто и ги советува владетелите дека ова е претпоставка од која треба да појдат. Ги потсетува дека за луѓето воопштено може да се каже дека се нелојални, неблагодарни, дволични и дека се лакоми да остварат корист. Додека им правиш добро тие се твои. Ти нудат се и ти се на располагање кога потребата е далеку. Кога ќе се приближи невољата се вртат и бегаат. Огромен број на улизици кои секогаш нешто очекуваат и се претвараат дека се лојални, но веднаш штом ќе видат дека владетелот  тоне му го свртуваат грбот и бараат нов владетел кому ќе му се умилкуваат. Колку свежо и познато звучи ова, како вчера да е пишувано.
   Сепак иако Макијавели ги подучува владетелите, целта е еманципација на граѓанството за изградба на адекватен политички систем. Владетелот мора да биде израз на општа воља на граѓанството. Во сите совети што ги дава провејува односот на владетелот кон народот и колку е важна довербата и поддршката што треба да ја стекне за успешно да владее. Ги потсетува владетелите дека пропаѓале секогаш кога биле непопуларни кај народот.
   Во секој случај тој нема никаква дилема за природата на политиката и дека во неа се случуваат најлошите работи. Мислата му е дијаболична затоа што е таква самата политика. Тој раскажува дека на сон му се прикажале две групи на луѓе, едните праведници кои оделе во рајот и друга грешници кои оделе во пеколот. Групата која одела во пеколот била составена претежно од владетели и нивни советници и тој заклучува дека би сакал да им се приклучи затоа што со нив нема да му биде досадно.
Љупчо Довичински

Back to top button
Close