Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера, оценија надлежните
– Изборниот ден помина во мирна, фер и демократска атмосфера, без значителен број нерегуларности, оценија вчеравечер надлежните по затворањето на гласачките места.
Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски на вчерашната прес-конференција оцени дека изборниот ден помина одлично, со мали исклучоци.
– Денешниот изборен ден помина во исклучително сложена ситуација во земјава, но помина одлично со мали исклучоци. Можам само да им честитам на граѓаните за изразениот демократски капацитет што го покажаа во овој изборен ден, рече Дерковски.
И министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на прес-конференција парламентарните избори ги оцени како фер и демократски и, како што нагласи, се уште еден доказ, како за демократската свест на граѓаните, така и за капацитетите на институциите, пред се на МВР, кои, како што рече, крајно одговорно бескомпромисно неселективно и согласно законски надлежности постапуваше.
Тој посочи дека биле преземени и мерки за заштита на здравјето на граѓаните, со оглед на тоа што овие избори се одржаа во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот и изрази благодарност до сите вклучени во изборниот процес за тоа што тој поминал во демократска и фер атмосфера.
– Задоволство ми е и што успеавме во исклучително тешки околности да го дадеме својот максимум да ја обезбедиме безбедноста на овие парламентарни избори, дополни Чулев.
Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување кривични дела против изборите и гласањето вчера констатира дека парламентарните избори 2020 година се одвивале во мирна атмосфера, без значителен број нерегулраности.
На електронската адреса [email protected] на која граѓаните можеа да пријават сомнежи за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето, како што информираше јавниот обвинител Џелал Бајрами, претседател на Комисијата, пристигнале вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучително и вчера во текот на гласањето. Од вкупно 24 известувања, соопшти Бајрами, три се однесуваат на настани во различни изборни места и градови каде лицата кои го остварувале правото на глас ги сликале гласачките ливчиња.