Изборниот законик е рак-рана на Македонија
Во предвечерјето на локалните избори, коишто треба да се одржат за еден месец, сведоци сме на сериозни кампањи и ветувања од кандидатите за градоначалници и советници во општините низ Македонија, секако поддржани од нивните матични партии.
Со години живееме во една патетична, повторлива заблуда од празни ветувања, надежни верувања и беспредметен оптимизам дека овој пат ќе биде подобро! Секогаш, ние граѓаните сме ставени на убедувачки отстрел од секакви ентузијастички програми и еуфорични реторики на говорниците, сакајќи да веруваме во лажните ветувања на сите кандидати, било независни, било партиски подржани од власта и опозицијата. Едно те исто со години.
Сите кандидати за градоначалници ветуваат не знаејќи воопшто во каква финансиска состојба ќе ја затекнат општината кога ќе дојдат на местото градоначалник! Немаат претстава.
Македонија на централно и на локално ниво е длабоко задолжена држава. Не велам дека сме банкрот, но да постои закон во кој ќе се отвори стечај поради финансиски долгови, бидете убедени дека и владата и 99% од општините ќе одат во стечај.
Како е можно кандидат за градоначалник на општина, кој не бил на таа функција и нема точни информации за вистинскиот финансиски долг на општината, да дава ветувања дека тој ќе направи Вавилонска градина со доаѓањето на градоначалничка позиција во неговата општина!
Триесет и пет години, ние, граѓаните на Македонија ја плаќаме цената на лошиот изборен законик кој се практикува во нашето секојдневие. Партиите и партиските лидери се тие кои ја водат централната и локалната власт, полни 35 години.
Граѓаните, кои претставуваат само гласачка машина, во последниве неколку години бурно реагираат за ваквата состојба во државата. Гневот од ден на ден расте, бидејќи ништо убаво не се реализираше во мандатите на градоначалниците кои ветуваа светла иднина за нас, граѓаните.
За секој одговорен граѓанин на Република Македонија, повеќе од јасно е дека основните причини за ваквата небиднина која нѐ затекна, е изборниот закон кој претставува вистинско зло за просперитетот на секој поединец и напредок на нашата држава.
Македонија мора да биде една изборна единица. Македонија мора да отвори слободни листи на кандидати за учество на парламентарните и локални избори. Македонија мора да ја преиспита територијалната поделба за локалната самоуправа.
Општините низ Македонија не смеат да бидат базирани на етничка основа, туку на чист граѓански концепт.
Градот Скопје не смее да биде оптоварен со 11 општини, со 11 градоначалници и 11 општински администрации! Ние граѓаните на Град Скопје скапо ги плаќаме.
Градот Скопје е посебна приказна кога со Општините владеат завојувани партиски претставници. Нивниот партиски или личен конфликт е на штета на граѓаните зашто го кочат развојот на Град Скопје.
Бев градоначалник на Скопје. Ги знам сите негативности во функционалноста на градот. Ќе споменам два примери кој заслужуваат внимание.
Клучката кај Хотел Континентал е изградена оф Градот Скопје. Истата се наоѓа на тромеѓето на општините Чаир, Гази Баба и Центар. Градот мораше да бара од секоја општина согласност за градба на овој капитален проект. Го завршив објектот без согласност на општина Центар, која од чисто политички, ниски пориви, не издаде согласност за градба.
Вториот случај е во времето кога го изградивме паркингот во Општина Центар, во близина на познатиот ресторан Воденица.
Повторно поради политички идиотизам, Општина Центар не даде согласност за изградба на овој паркинг. Згора на тоа презеде мерки да го уништи. Бев на лице место за да го стопирам актот на уништување и на многу брутален начин успеав да ја обезбедам согласноста од Општина Центар за овој паркинг.
Почитувани читатели и тогаш и денес не се плашам кога работам во интерес на граѓаните.
Пред неколку месеци се појавија видни имиња за можни градоначалници на Град Скопје, меѓу кои беше и деканот на Архитектонски факултет Мишко Ралев. Пријатели сме и добро се познаваме. Прекрасен човек и убеден сум дека оваа функција може да ја врши успешно со знаењето и искуството кое го има. За жал, партиските лидери го тргнаа од листата на кандидати. Претпоставувам дека по многу нешта не му се допаднал на лидерот.
Ве прашувам вас, а и себеси, до кога ќе ја плаќаме цената на така-наречените лидери заталкани на своите функции?
Почитувани читатели рак-рана за денешната состојба на Република Македонија е токму Изборниот законик. Под итно истиот треба да се промени, за ние граѓаните да имаме поголема слобода да предлагаме и да бараме резултати од нашите избраници.