Изборот на директор во АЕК под лупа: 9 кандидати во трка, Комисијата во вторник прави селекција
Во фокусот на јавноста деновиве е изборот на нов директор на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) – позиција која има клучно значење за регулацијата и развојот на секторот за електронски комуникации во земјата.

Според информации на ТВ21, на актуелниот конкурс се пријавиле вкупно девет кандидати. Во вторник, Комисијата за избор ќе изврши првична селекција и ќе утврди кои од пријавените ги исполнуваат законските услови за да продолжат во понатамошната постапка. Кандидатите што ќе ја поминат оваа фаза ќе бидат повикани на интервју.
Процесот се следи со зголемена внимателност и интерес од јавноста, имајќи предвид дека директорската позиција во АЕК е од стратешко значење. Агенцијата има важна улога во регулирањето на телекомуникацискиот пазар, надзорот над операторите и обезбедувањето фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и компаниите.
Според информациите до кои дошле ТВ21, меѓу пријавените има и кандидати кои не ги исполнуваат сите предвидени услови. Дополнително, во јавноста повторно се отвора прашањето за интегритетот на постапката, имајќи предвид дека на претходниот конкурс – кој беше поништен – неколку медиуми објавија информации за кандидати со фалсификувани сертификати за познавање на странски јазик.
Очекувањата се дека овојпат процесот ќе биде спроведен транспарентно и согласно законските критериуми, со цел да се обезбеди избор на професионално и кредибилно раководство на една од најважните регулаторни институции во државата.





