Избрани идејните решенија за „Летна отворена сцена“

Град Скопје избра три партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на три локации во зелениот појас на Градскиот парк во Скопје.

На конкурсот, кој беше објавен во месец мај од Град Скопје, пристигнале 13 трудови за понудените три локации: во близина на Езерце, во првиот дел на паркот; во близина на Сточарски институт и спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“.

По разгледување на пристигнатите трудови, информираат од прес-службата на Град Скопје, Комисијата за оценување за најсоодветни решенија ги избрала трудовите со работна шифра „ОМММ“, „Коноид“ и „Конус“.

Локација број 1: Површина во Градски Парк Скопје , која се наоѓа во првиот дел на паркот, односно во непосредна близина на езерцето, – труд со работна шифра “ОМММ“. Овој труд овозможува долготрајност со минимални трошоци за одржување и минимален физички импакт во езерото со околината, наведува прес-службата на Град Скопје.

Локација број 2: Површина во Градски парк Скопје, која се наоѓа спроти Сточарски институт, – труд со работна шифра „Коноид“. Според Град Скопје, ова идејно решение за сцената, гледалиштето, па и во однос на хортикултурното уредување, илуминацијата на просторот и материјалите кои се предвидени за ова архитектонско решение овозможува долготрајност и минимални трошоци за одржување.

Локација број 3: Површина во Градски парк Скопје, која се наоѓа во вториот дел на Паркот, односно во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак Кану клубот „Илинден 90, – труд со работна шифра „Конус“.

Од прес-службата се наведува дека овој труд во поглед на архитектонскотото решение за гледалиштето, сцената во вид на пресечен конус и употребата на материјалите за изработка, исто така, овозможува долготрајност и минимални трошоци за одржување. Предложениот дизајн на сцената претставува една рамка во која како кулиса се појавува еден пресечен конус. Аудиториумот е вкопан со цел да се задоволат стандардите за непречено следење на сценската изведба. Гледалиштето обезбедува сместување на 403 гледачи на седење.

– Генералната оценка на Комисијата е дека конкурсните барања се во голема мера запазени, односно дека е запазена и испочитувана проектната програма, предложен е уникатен дизајн и предложени се материјали со долговечност за изработка. Исто така, предложените идејни решенија се одликуваат со високи естетски вредности, придонесуваат врз подобрување на културните навики на жителите на град Скопје и одлично се вклопуваат со непосредното опкружување, информираат од прес-службата на Градот Скопје.

Најдобрите трудови, Град Скопје ги наградува со по 70.000 денари за секоја од трите локации и ќе склучи договори со избраните автори.

Back to top button
Close