Изгаснат пожарот во театарот Санаѕаро во Неапол, четири лица се повредени, а 60 се евакуирани
Изгаснат е пожарот, кој избувна денес во центарот на Неапол, зафаќајќи го театарот Санаѕаро, при што четири лица вдишаа чад, соопшти противпожарната служба.

Најмалку 60 лица се евакуирани, куполата на театарот се урна, пламените јазици ги оштетија и соседните згради, а како што се наведува, пожарот најверојатно е предизвикан од краток спој, пренесува весникот „Стампа“.
Пожарникарите интервенираа брзо, а неколку лица поради вдишување чад се префрлени во болница, а нивната состојба не е критична, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
Сопственичката и уметнички директор на театарот, Лара Сансоне пристигна на местото на настанот и се расплака.
Пожарот во театарот, кој се смета за историски и културен симбол на Неапол, беше изгаснат од неколку противпожарни екипи, пишува „Стампа“, додавајќи дека сè уште не е познато колку од внатрешната површина е зафатена од пожарот. Штетата на конструкцијата е обемна, а улиците околу театарот се уште се затворени.
Градоначалникот на Неапол, Гаетано Манфреди изјави дека градот и владата ќе помогнат во реновирањето на театарот.
„Институционалната соработка ќе биде максимална за да се залечи оваа рана. Тоа е голема тага, бидејќи загубата на еден ваков историски театар е длабока рана за историјата и културата на градот. Ќе направиме сè што можеме за да се осигураме дека театарот ќе се врати во Неапол, за да може повторно да ја исполни функцијата што отсекогаш ја имал во текот на сите овие години“, рече Манфреди.
Покрај театарот, уште 15 станови беа зафатени со пламените јазици, но во сите не живееја станари, туку некои беа деловни простории. „Ги мапираме точно станарите, а нашите социјални служби работат на проценка дали е потребна поддршка, рече Манфреди.






