Изгласани измените на Кривичниот законик – ги поддржаа и социјалдемократите


Со 76 гласа „за“ и еден „против“ денеска во Собранието се изгласани измените и дополнувањата на Кривичниот законик што ги предложија пратеници од владејачкото мнозинство, а кои експертската јавност ги критикуваше дека наместо поостри казни за функционерите ја продолжуваат амнестијата за нив и им овозможуваат побрзо застарување на делата.

Со предлог-измените, како што е наведено во образложението, треба да се исправат контроверзните интервенции во Кривичниот законик (КЗ) што претходната власт тајно ги утврди, а тогашниот собраниски состав ги донесе на 6 септември 2023 година.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, рече дека со ова се исправа сериозна неправда направена со измените на КЗ од септември 2023 година донесени од претходната власт со која, според него, биле ублажени казните за корупција.
„Со законот се воведува и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки и материјали, се зајакнува заштитата од родово базирано и семејно насилство согласно Истанбулската конвенција, се проширува примената на проширената конфискација и се прави доусогласување со законите поврзани со проектот ‘Безбеден град’. Ова е јасен доказ дека кога постои политичка волја и почитување на правото и законите, државата може да се движи напред“, рече тој.

Како што кажа лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Венко Филипче, нивната пратеничка група има сериозни забелешки, но сепак дадоа поддршка.
„Имаме сериозни забелешки, зашто дополнително се амнестираат одредени можни прекршувања на законот. Тоа сметам дека е направено намерно, тоа не е случајно. Ова е уште еден обид да се прикаже нешто како реформски закон, а на мала врата се дозволува амнестија на актуелни функционери“,

Пратеничката од редовите на Левица, Јована Мојсоска, рече дека нема да дадат поддршка за измените бидејќи се работи за лошо законско решение кое ја уназадува состојбата од онаа што била во 2023 година.
„Единствената позитивна промена во овој предлог КЗ е што конечно се интервенира во членот на гонење на семејно насилство и конечно се имплементира семејното насилство да не се гони по предлог на жртвата“, кажа Мојсоска.

Измените на КЗ донесени пред нешто повеќе од две години беа причина за застарување на кривичните дела со кои беа опфатени голем број поранешни функционери во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а по чие згаснување во најголем дел ги презеде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција
Клучните измени тогаш беа направени во членот 353, каде што се опфатени кривичните дела од корпусот злоупотреба на службената положба и овластување, каде што се намалија казните, беа воведни горни граници и беше избришан еден член кој се однесуваше на кривичните дела во делот на јавните набавки.

Но, и сега предложените измени од страна на пратеници од владејачкото мнозинство предизвикаа негативни реакции кај дел од политичкиот естаблишмент во државата.

Меѓу првите со реакција се јави претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка Моника Зајкова, која ги опиша како „враќање во времето на Михајло Маневски“.

Back to top button
Close