Изгласани субвенции за ЈСП, скопјани нема да останат без автобуси
На денешната вонредна седница на Советот на Град Скопје по третпат се расправаше за единствената точка на дневен ред, доделување дополнителни субвенции за ЈСП „Скопје“ од 110 милиони денари. После четиричасовни дискусии конечно овој пат субвенциите се изгласаа, па граѓаните веќе не мора да стравуваат дека поради неисплатени плати на вработените во јавното градско претпријатие ќе останат без автобуси.

Пред советниците денеска повторно говореше директорот на ЈСП, Крсте Петревски кој и минатата седница, кога не се изгласаа субвенциите ја објаснуваше состојбата во претпријатието. Тој посочи дека за нафта годишно се трошат 580 милиони денари, ратата за кредит за автобусите „ман“ 110 милиони денари, за струја се плаќа 20 милиони денари годишно, за резервни делови околу 28 милиони, за метан 93 милиони денари, за приватен превоз 340 милиони денари, а за плати околу 900 милиони со најновото покачување од 10 отсто.
ЈСП извршува јавен превоз со автобуси стари во просек 12 години, а стандард е 6-7 години. Најголемиот дел од нашите автобуси, „јутонг“ се повеќе од 12 години. Проблем во секојдневното функционирање предизвикуваат дефекти, зголемени трошоци за одржување и зголемени трошоци за гориво. Бидејќи тука се говори дека годинава се дадени рекордни субвенции, сакам да напоменат дека во 2022 година истиот овој Совет одобрил 523 милиони денари субвенции за ЈСП плус 100 милиони за бесплатен превоз на возрасни и 60 милиони дополнителни субвенции – рече Петревски.
Директорот апелираше до советниците да ги изгласаат субвенциите, укажувајќи дека овие средства се потребни за исплата на плата на вработените, затоа што доколку не се исплати плата ќе се доведе во опасност функционирањето на целиот јавен превоз.
Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров рече дека субвенциите за ЈСП биле на дневен ред на две седници, но дека не се усвоени затоа што мнозинството советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата така сакале и посочи дека СДСМ секогаш ќе го поддржува субвенционирањето на ЈСП во интерес на граѓаните за да имаат редовен превоз и дека ќе гласаат и за бараните дополнителни субвенции.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и денеска укажаа на многу недоследности и неправилности во работата на претпријатието и повторно посочија дека најпрво од ЈСП треба прецизно да информираат каде се потрошени претходно дадените 440 милиони денари.
Од говорницата беше укажано на сите проблеми кои граѓаните го имаат со јавниот превоз, дека нема доволно автобуси, дека не се почитува прикажаниот дневен ред, дека автобус се чека по еден час. Како што беше посочено, нема доволно возачи, се укинуваат линии, а ЈСП во јавноста прикажува дека се е во ред. Советниците потсетија и дека ова претпријатие добива најмногу субвенции секоја година, а упорно „тоне“ и работи со загуби, што е знак за лошо менаџирање.