Изгореа магацин и канцеларии во фабриката „Мирана“ во Велес – пожарот го гаснеле шест часа
Голем пожар избувна синоќа околу 22 часот во велешката фабрика за прехранбени производи „Мирана“, при што беа зафатени магацинскиот дел и канцелариски простории. Пожарникарите интервенираа веднаш по дојавата, а целосното локализирање на огнената стихија беше постигнато дури шест часа подоцна – околу 4 часот утрово.
Според податоците од Центарот за управување со кризи, магацинот во кој имало пластична амбалажа, фрижидери и друга опрема, како и административниот дел со документација и други материјали, биле целосно зафатени од пламените јазици.
Иако пожарот е ставен под контрола, на одредени локации во објектот сѐ уште има појава на чад, поради што екипите остануваат на терен за да се спречи евентуално повторно разгорување.
Во гаснењето учествуваа:
три противпожарни возила од Територијалната противпожарна единица Велес,
едно возило на ЈКП „Дервен“,
две специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување,
како и шест полициски службеници од СВР Велес.
Надлежните служби ќе вршат дополнителна истрага за причините за избувнувањето на пожарот.