Изгубените животи во Украина и запустените во Македонија
Денко Малески
Камо Украина да имаше повеќе „предавници“. Сега немаше да биде на чекор до тотален пораз на војската и девастација на државата.
Ова е тажна приказна а не македонската. Нашата, мерена со елементарниот стандард „војна или мир“, може да се нарече победничка приказна. Украинската, губитничка. А можеше и нивната приказна да биде победничка да немаа толку „херои“ на чело на државата кои не ги признаваа реалностите на меѓународната политика и местото на нивната држава во натпреварот помеѓу големите сили.
Денес Украина ќе беше цела, не ќе искусеше војна и ќе беше некоја форма на федерација. Да. Ќе беше неутрална зашто моќниот сосед, Русија, членството на Украина во НАТО го смета за „егзистенционална закана“ за нивната држава, народ или режим сеедно. Тоа е од оној вид закана заради која политичари ги водат народите во војна. И наместо да се држи до изборните ветувања за мир, првата работа која ја направи новоизбраниот претседател Зеленски беше заострување на односите со руското малцинство во Донбас преку укинување на јазичните права. Сојузот на Зеленски со украинските националисти (па и нацисти, знаеме сега) само ги зајакна врските на руското население во Украина со Москва.
Амбициите на Западот, како рече некој, да се „балканизира“ руската држава на 200 помали со пораз во војната во кој ќе гинат Украинци, станаа и украински амбиции. Одговорот на Русија беше инвазија на Украина во февруари 2022. Другото е историја.
Финалето на оваа катастрофална грешка на украинската ама пред се на американската политика за членство на државата во НАТО, го прави толку очекуваниот мировен договор кој го најави Трамп невозможен. Ставовите се толку спротиставени што нема околу што двете страни да потпишат договор. Да потпише Зеленски дека ги предава во сопственост на Русија освоените четри провинции плус Крим? Да потпише Путин дека се откажува од амбициите да ја прекрои Украина по милион руски жртви?
За жал Украина ја очекува страшна судбина: тотален пораз на бојното поле и белото знаме на чие истакнување, на времето, повикуваше папата Френсис.
Идентичноста на ставовите на Украина и на европските држави за борба до победа само го принудува Трамп да ја повлече својата држава од војната. Ќе дозволи продажба на оружје за Украина платено од европските буџети или ќе воведе дополнителни санкции само како покритие пред домашните „јастреби“ дека тој не е виновен за поразот на Украина. Моја шпекулација за која сум сигурен дека се случила во една вербална форма или во друга е следнава:„Ние како водачи на две големи сили ќе правиме што ќе правиме со Украина и со ЕУ, ама еден другога не се напаѓаме и нуклеарна војна меѓу Америка и Русија нема да има“, си го кажале Путин и Трамп на самитот во Алјаска. Мислам дека ова е моментот кога Трамп и Путин на чело на двете нуклеарни големи сили кои беа тргнале кон војна, ја послушале поговорката на американските Индијанци : „Ако не свртиме сега, ќе стасаме таму каде што сме тргнале!“. Алјаска беше свртувањето кое веројатно го спаси светот на сметка на Украина, таа најнова монета за поткусурување.
Ги слушам претставниците на новата власт во Македонија за серијата предавства од минатото која имаат намера да ја прекинат со борба до победа во меѓународните односи и се прашувам: Можно ли е, како возрасни, ништо да не научиле од украинската војна, кога веќе биле деца за време на југословенските во 1991? Мислам дека не е можно, но политиката е друга игра. Поведението на европските политичари кажува многу за природата на политичката борба за власт. Германската канцеларка Меркел и францускиот претседател Саркози рекоа на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 дека објавата за идно членство на Украина во НАТО е рамно на објава на војна на Русија, зарем некој го заборавил тоа од денешните европски политичари? Трамп неодамна рече дека главната причина за војната во Украина е темата „Украина во НАТО“, поточно, погрешната политика на Америка (Бајден) со која Западот и објави војна на Русија. Не зборавиле, секако, но знаат дека ако ја кажат вистината подобро е да си ги спакуваат куферите и да заминат од политиката. Така доаѓам до заклучокот дека на европските политичари не им останува ништо друго освен, со черчиловската поза на отпор, да ја завземаат највисоката морална позиција. А таа, во случајот на Украина, е онаа за одбрана на правото на народите да бираат на кој сојуз ќе му припаѓаат и за неповредливоста на европските граници . Наспроти реалните факти дека во меѓународната политика „might makes right“ (силата кажува што е право) европските политичари се повикуваат на меѓународното право како пат за личен опстанок во политиката. Нешто слично и со македонските политичари на наши домашни и меѓународни теми: спасот го бараат во политики кои с базираат исклучиво врз меѓународното право.
Но, каде е сега правото да ја спаси Украина? Спасот од погрешните политики не е во промена на мислењето на политичарите, оти тоа не се случува, туку во фактот дека нивните погрешни проценки се кршат од реалноста и животот си зема нов тек: катастрофален тек како во Украина, каде цената е во изгубени животи на боиштата и запустени животи надвор од европските интеграции, како во Македонија.