Излезе од печат романот „Отпадот од духовните контејнери“ на тетовскиот писател Јован Дамјановски
– Читателската публика може да го прочита најновиот 17-ти роман на тетовскиот писател Јован Дамјановски, насловен „Отпадот од духовните контејнери“, кој неодамна излезе од печат. Авторот во интервју за МИА во јануари посочи дека во делото основната тематска насоченост се староста и луѓе во старосната возраст, за прашања поврзани со таа возраст, а една од главните пораки е дека староста е голем товар, но и голема среќа да се доживее. Предговорот за „Отпадот од духовните контејнери“ е напишан од писателот Веле Смилевски.
-И во овој роман свое место наоѓа имагинацијата на дамнешните и сегашните времиња како реална стварност која произлегува од внатрешната состојба на духот и самоидентификацијата на современиот човек во сите животни околности. Тоа е психилошка драма во која главниот лик Марко – македонски печалбар во Женева го одмерува, домерува и премерува животот во староста како швајцарски пензионер. Тоа е приказна како глобалниот свет станува цел, разбирање и однесување на современиот македонскиот откорнатик од својата земја во потрага по поубав живот и егзистенција. Романот „Отпадот од духовните контејнери“ во уметничка и нараторска смисла е сугестивно напишано книжевно дело. Авторот се служи со реалистичен потход, а ова дело претставува повеќенасочна сегментирана романеска проекција. Хармоничната поврзаност на развојните линии остава впечаток на длабоката уверливост и издржаност на овој македонски автор кој обезбеди своја читателска публика, пишува Веле Смилевски за делото на Јован Дамјановски.
Авторот Дамјановски е роден 1946 година во Тетово.Тој е доктор на науки и универзитетски професор, член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година. Покрај на романи, автор е и на книги со раскази, драми и сценарија.