Излезе од печат заедничката поетска збирка „Литературни искри”

 Во пресрет на одржувањето на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”2021, излезе од печат поетската збирка со дела на учесници на конкурсот. Во збирката има по една творба на 45 автори кои ги избра жири комисија.

Годинава, на осмото издание на фестивалот во конкуренција влегоа 126 регуларни пријави во двете возрасни категории. Освен од Македонија конкурираа и поети од Словенија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина.

Од пријавените, жири-комисијата ги издвои и 12 највисоко оценети автори од кои шест ќе бидат наградени ќе конкурираат за една од наградите.

– Анонимноста при конкурирањето и донесувањето на конечната одлука за избор е заедничка појдовна точка за сите автори кои се пријавиле на конкурсот, а тоа покажува уште една позитивна нишка во структурата на фестивалот „Литературни искри“ зашто сите имаат право подеднакво да го истрчаат својот круг, а стасувањето до целта е прашање на оддалеченоста. На сите учесници и финалисти им посакувам остварување на соништата, наведува Вања Изова Велева претседателката на жири комисијата во освртот за збирката.

Организаторите на фестивалот посочија дека и покрај предизвиците кои произлегоа од пандемијата Ковид-19 успеале, како што велат, да ја продолжат традицијата со издавање на уште една во низата изданија заеднички поетски збирки со нови творби кои ја збогатуваат македонската и балканската поетска ризница.

Координаторот на фестивалот, Слаѓана Брезовска, го претстави начинот на кој ќе се реализира манифестацијата и упати отворена покана до сите љубителите на поезијата.

– Во недела 23 мај во 13 часот преку Фејсбук на официјалната страна на фестивалот онлајн ќе емитува видео претставувањето на 12-те финалисти. Покрај нивните кратки биографии, пред публиката ќе прочитаат и по една своја песна, рече Брезовска.

Прогласувањето на наградените ќе следува по паузата од еден час, со пишана објава на Фејсбук страната на фестивалот. https://www.facebook.com/literaturniiskri/.

Годинашни финалисти на фестивалот „Литературни искри 2021“ се: Милчо Мисоски (Струга), Невен Лукачевиќ (Риека-Хрватска), Владо Поповски (Скопје), Сања Нечовска (Скопје), Аида Ораховац Куч (Подгорица-Црна Гора), Елмин Елези (Скудриње, Општина Маврово и Ростуше), Елизабета Дончевска Лушин (Струмица), Фросина Тасевска (Штип), Соња Карбева (Велес) Георгина Петреска (Скопје), Тони Павлески (Прилеп), Орида Дајко (Тирана-Албанија). Дванаесетте поети конкурираат за наградите: Гран при, Прва, Втора и Трета награда, Награда за најдобар странски автор и Најуспешна млада поетска искра. Наградите се плакети, дипломи и признанија.

Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри” се организира во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

Back to top button
Close