Излезност на изборите во Србија до 18 часот 40,82 отсто, помала отколку на претходните избори, забележани неправилности

На парламентарните, покраински и локални избори во Србија според Републичката изборна комисија (РИК) до 18 часот излезноста изнесува 40,82 отсто, со Косово 42 проценти и досега не се забележани поголеми неправилности.

Според невладините набљудувачки организации ЦРТА, ИПСОС и Цесид, излезноста до 18 часот изнесува 41,08 отсто и таа според Црта е помала од парламентарни избори во 2016 година.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, поради бојкотот на изборите од страна на опозицијата од коалицијата Сојуз за Србија (СзС), како компарација се мери излезеноста во градот Шабац, каде повеќето опозициски партии излегоа со независни кандидати на локално ниво, каде до 18 часот излезеноста изнесуваше 51 отсто.

Засега, според невладината набљудувачка организација Црта, забележани се 0,5 отсто неправилности на избирачките места, како што е случајот со таканаречениот „бугарски воз“ на две изборни места во Зрењанин и на едно место во Пожаревац, тепачка на избирачкото место во Нов Белград поради бремена жена, обидот за контрола на избирачкиот список од неовластени лица во Свилајнац и напад врз новинарите на нишкиот портал Јужни вести, од лица кои биле снимени со непознати списоци во рацете.

На изборите своето гласачко право до 20 часот ќе можат да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 140 места на Косово и во 42 амбасади на Србија,

Тие треба да гласаат за 21 изборна листа на партии и коалиции, кои треба да го поминат цензусот од 3 проценти за да освојат пратенички мандати.

Македонците во Србија на изборите искачаат согласно политичката сцена. Партијата на македонците во Србија (СМС) во коалиција на Демократската партија (ДС) ги бојкотира изборите, додека Демократската партија на македонците (ДПМ) во коалиција со Муамер Зукорлиќ и неговата Партија на правдата и помирување (СПП) излага на изборите.

Изборите се одржуваат во услови на прогласен бојкот на поголемиот дел од опозициските партии, собрани околу коалицијата Сојуз за Србија (СзС) и прогласената епидемија на коронавирус, поради што членовите на избирачките одбори задолжително носат заштитни средства, маски и ракавици, додека на гласачите им е препорачано да ги користат истите.

Гласањето е проследено со многу малку странски набљудувачи- ОДИХР и мисијата ЕНЕМО (Европска мрежа на организации за мониторинг на изборите) чии извештаи ќе бидат основа за институциите на ЕУ да ја проценат исправноста и демократијата во изборниот процес на Србија.

Неофицијалните резултати се очекуваат да бидат соопштени уште вечерва, а официјалните резултати од изборите РИК ги објавува во Службен весник, не подоцна од 96 часа по завршувањето на гласањето.

Back to top button
Close