Излезноста до 17 часот во Маврово-Ростуша и во Центар Жупа е над 40 отсто – во двете општини е исполнет цензусот

И во двете општини ова е трет обид да се избере градоначалник откако во октомври лани и во април годинава немаше доволен одѕив

Во општина Тетово, каде денеска се гласа на вонредни избори за членови на Совет, излезноста до 17 часот е многу помала во споредба со другите две општини – 27, 79 отсто

Државната изборна комисија (ДИК) на својата вебстраница ги објави податоците за излезноста во трите општини каде денеска се одржуваат локални избори – во Маврово Ростуша и Центар Жупа за градоначалник, а во Тетово за советници.

Според податоците, изленоста во Маврово-Ростуша е 44 отсто, додека во Центар Жупа 41,71 отсто, што значи дека во обете општини е исполнет условот за минимална изленост на изборите.

Извор: ДИК

Во Центар Жупа на денешните избори има само еден кандидат и со постигнување на цензусот, за тој да биде избран за градоначалник ќе треба да добие мнозинство од оние што гласале што е реално да се очекува.

Изборниот законик предвидува дека ако за градоначалник е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не добил мнозинство гласови под услов да излегле најмалку една третина од запишаните избирачи, тогаш целата изборна постапка се повторува.

Во Маврово-Ростуша, втората општина во која денеска се гласа за градоначалник, уште во 15 часот беше исполнет условот за најмалку една третина излезност.

Во општина Тетово, каде денеска се гласа на вонредни избори за членови на Совет, откако претходниот состав беше распуштен од страна на Владата, бидејќи тие не ја усвоија завршната сметка на општинскиот буџет за 2021 година до истекот на крајниот рок, 31 март годинава, излезноста до 17 часот е многу помала во споредба со другите две општини – 27, 79 отсто.

 

Во Тетово на гласачкото ливче има 13 листи на кандидати за членови на Советот на општината. Мандатите ќе бидат распределени според бројот на добиени гласови користејќи го Донтовиот метод – што значи дека по собирањето на вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја партиска листа поединечно се дели со 1, потоа со 2, со 3, со 4, и сè така до крајниот број на кандидати што треба да бидат избрани во општината. Добиените изборни количници се подредуваат по големина, а најголемите броеви се мандатите што ги добиле соодветните листи.

Back to top button
Close