Изложба на филигрански накит “МАМКА” во Музеј на Р.С. Македонија

На 6ти октомври во 19 часот во НУ Музеј на Република Северна Македонија во Скопје ќе се одржи изложба на концептуален филигрански накит со наслов “МАМКА” на уметницата и етнолог Марија Милошевска.

Марија Милошевска веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми како накит, инсталации, објекти, перформанси и видео арт.

Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името Macedonian fly, во 2017 го создава брендот “МАкедонска МушичкА – МАМКА” кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата.
Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини.

“МАМКА“е директно поврзана со моментот на опстанок, кој преку филигранското дело и техниката за изработка на вештачки мушички за рибарење се оживува во сегашното време како момент на постоење, преку практичен и уметничко – научен пристап.

Културата, како начин на живот, претставува обид кој го вклучува значењето на егзистенцијата, светот на објектите и секојдневните пракси кои го произведуваат материјалниот живот, на тој начин што ни нуди модели за комплексна евалуација.

Куратор на изложбата е Лени Дончева, историчар на уметност која работи како куратор во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија.

Емилија Лазаревска магистер во областа на реставрација и конзервација на темперна техника, преку нејзиниот уметнички сенс несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна.

Видео инсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при универзитетот Westminster во Лондон, В.Британија.

Фотографиите се на Александар Ивановски, асистент Оливер Настески.

Проектот е од национален интерес во културата за 2022 година, и е поддржан од Министерството за култура на РСМ.

Изложбата ќе трае до 24 октомври 2022 година.

 

Back to top button
Close