Изложба на карикатури „Ковид-19“ во Музејот на тетовски крај

 Во Музејот на тетовски крај од денеска поставена е изложба на карикатури „Ковид-19“ од авторот Мирослав Георгијевски-Миро, по повод 78 години од загинувањето на учесникот во Народно ослободителната војна Иљо Антески-Смок и Денот на музеите – 18 Мај.

Изложбата е дел од активностите на Здружението за култура и уметност „Иљо Антески – Смок“ кое со низа настани го одбележува патронатот.

-Изложбата е отворена за сите кои сакаат да ја погледат до недела, 23 мај, согласно протоколите за заштита од Ковид-19. Преку изложбата авторот Георгијевски се претставува со осумдесет карикатури во боја, поврзани со Ковид-19, односно обработка на поединечни теми, настани, однесувања, информираше Кристина Томовска Ристовска, кустос во Музејот.

Претставници на Музејот и Здружението денеска положија цвеќе пред споменикот на Иљо Антески – Смок во населбата Два Бреста.

Ова се  дел од активностите со кои се одбележуваа патронатот, 99 години постоење, наследство, култура и уметност, десетгодишниот јубилеј од пререгистрирањето во Здружение за култура и уметност, шестата меѓународна културна манифестација „Денови на Иљо 2021“ со фолклорен фестивал што се планира во октомври, изјави Милорад Ѓорѓески, претседател на Здружението.

Тој информира дека во тек е и годинашниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца, млади и возрасни на темите „Мајски латици“ и „Ликот и делото на Иљо Антески- Смок“.

Back to top button
Close