Изложба на уметнички фотографии на Владимир Ѓоргиев „Игри на светлината“ во Галерија МКЦ
Владимир Ѓоргиев е истакнат македонски фотограф со четири децении богато искуство во уметничката и комерцијалната фотографија. Неговото патување во светот на фотографијата започнува со црно-белата техника и сопствена лабораторија, создавајќи уникатен фотографски ракопис кој постојано еволуира.
Неговиот опус опфаќа широк спектар на жанрови – од модна и портретна фотографија, преку уметнички акт до макро и пејзажна фотографија. Мајсторството во работата со светлото и исклучителното чувство за естетика го издвојуваат неговиот стил, што е особено видливо во неговите едиторијали и насловни страници за престижни списанија, вклучувајќи го и Playboy Macedonia.
Неговата работа е презентирана на бројни самостојни изложби во Скопје, Полска и Чикаго. Како признат професионалец во својата област, тој бил избран за официјален фотограф и шминкер на Eurovision во Шведска 2000 година. Покрај уметничката фотографија, Ѓоргиев има богато портфолио во комерцијалната и продукт фотографија, создавајќи впечатливи билборди и CD корици за истакнати уметници.
Последните дванаесет години активно работи и во полето на stock фотографијата, додека во најновата изложба “Игри на Светлината” се враќа на своите омилени теми – уметничкиот акт и портретот, демонстрирајќи врвно мајсторство во манипулацијата со светлото.
Изложбата ќе може да се посети до 24ти април.