Изложбата студентска графика

– Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Катедрата по графика и Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, по 34-ти пат ја организираат изложбата Студентска графика – Драгутин Аврамовски – Гуте. Изложбата ќе биде отворена денеска во 13 часот, во Галеријата на ФЛУ.
На отворањето на изложбата ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во академската 2020/2021 на студентот од 3-та година на Катедра по графика Стефан Божиновски, како и пофалници за студентите чии дела влегуваат во потесна селекција. Учествуваат студенти од сите студиски години на Катедра по графика и Катедра по ликовна педагогија – насока графика. Како и изминатите години, изложени се и плакати дизајнирани за годинашната изложба од страна на студентите од 4-та година кои ја посетуваат наставата на модулот Графички дизајн.
Традиционално, за најдобро изведено графичко дело во академската 2020/21 година, ќе биде доделена паричната награда од семејната Фондација „Драгутин Аврамовски – Гуте“, како и можност за самостојно претставување на наградениот студент во текот на следната академска година во галериите на ФЛУ.
Организацијата на оваа изложба е реализирана од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“ ја доделува истоимената награда од 1988 година, кога прв пат постхумно е доделена, во чест на професорот и еден од основачите на Катедрата по графика.

Back to top button
Close