Измамени битолчани, СВР Битола предупредува на внимателност

Секторот за внатрешни работи-Битола регистрира појава на измамени граѓани, при што одредени сторители на најразлични начини вршат измама и нивно оштетување.

Од СВР-Битола посочуваат дека сторителите ги доведуваат до заблуда оштетените со измислување најразлични приказни и начини да остварат парична или друга корист, ветувајќи им услуги, огревни дрва, лекарства, лажни сообраќајни незгоди, купување на возила, купување на станови, организации на настани, откуп на железо и друго, при што измамниците сето тоа го прават телефонски и не се појавуваат.

– СВР Битола бележи пријави од граѓани каде измамниците според утврдена шема се јавуваат во некој ресторан и некој од нив се претставува како раководител или директор на фирма и бара да му се резервира сала за состаноци, забави и слично, притоа од угостителот бара да ангажира фирма за декорација на објектот и да ѝ плати. Парите за декорацијата се даваат во кеш на одредено лице кое подоцна исчезнува, а нарачателот е недостапен на телефонот, нагласуваат од секторот за односи со јавност на СВР-Битола.

Според евидентираните и пријавени измамни, дел се однесуваат за откуп на железо. Пријавителот откако е измамен со давање на пари на одредено лице – такси превозник и измамникот кој е недостапен на телефон увидува дека е измамен и настанот го пријавува во полиција.

Од СВР Битола апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни во комуникација со непознати лица која се врши по телефонски пат, да не наседнуваат на измами, да ги проверуваат фактите и податоците кои им ги кажуваат на телефон, да не даваат пари на измамниците, на нивни посредници, да не се даваат пари на непроверени клиенти и соработници само врз основа на телефонска комуникација и секако сите сомнителни случаи да ги пријават во полиција.

Измамите претставуваат кривично дело по член 247 од Кривичниот законик за кое е предвидена парична или казна затвор од три до пет, односно 10 години, зависно од големината на причинетата материјална штета.

Секторот за внатрешни работи Битола презема интензивни мерки и активности за расчистување на пријавени измами. м

Back to top button
Close