Измените на Законот за игри на среќа со европско знаменце поминаа во Собранието во прво читање

Измените на Законот за игри на среќа и за забавни игри денеска поминаа во прво читање на 106. пленарна седница на Собранието. Донесени се со т.н. европско знаменце, процедура за која во случајот не беше прифатлива не само за опозициската ВМРО-ДПМНЕ туку и за претседателот на државата Стево Пендаровски. За потсетување, против беше и поранешниот австриски амбасадор во земјава, Георг Вуцас, кој имаше крајно нетипичен јавен настап набрзо откако Владата во февруари годинава го испрати предлогот до Собранието.

Притскрин од почетната страница на Предлог-законот за измена и дополнување на на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

Предложените измени на Законот во прво читање беа изгласани со 48 гласа „за“ и осум „против“. Гласањето помина без пратеничка расправа.

Како што може да се види од списокот на гласање на официјалната веб-страница на Собранието, поддршка за измените на законот дале пратениците на СДСМ и пратениците од нивната коалиција во Собранието, како и пратениците на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Осумте гласа „против“ предложените измени на Законот во прво читање се на пратениците на Алијанса за Албанците (која е дел од владејачкото мнозинство) и независниот пратеник Хусни Џемаили, кои биле присутни на седницата за гласањето.

Што предвидуваат измените?

Предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри предвидуваат просториите во кои се приредуваат игрите на среќа (обложувачници) да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри. Меѓу целите на предложените измени, од Владата претходно ја посочија и потребата од зајакнување на доказите потребни за издавање лиценци, како и прецизирање на тоа дека едно трговско друштво со една лиценца приредува еден вид игра на среќа. Исто така, се предвидува и зголемување на надоместоците за издавање лиценци за игри на среќа.

Предлог-измените на Законот за игри на среќа и за забавни игри Владата ги утврди на 7 февруари и со европско знаменце ги испрати во Парламентот.

Австриски закани

Дваесетина дена подоцна, Георг Вуцас, тогашниот амбасадор на Австрија – земја од каде доаѓаат едни од најголемите приредувачи на игри на среќа во земјава „Casinos Austria International“ и „Novomatik“, во нетипично писмо за амбасадор, укажа на несоодветна употреба на европското знаменце, но потоа се впушти во суштинска расправа дури и за уставноста на предлог-измените. Тој отворено побара да се повлечат предлог-измените или да важат за компаниите што се веќе на пазарот и се со странски капитал.

Поранешниот амбасадор на Австрија во земјава, Георг Вуцас / Фото: Архива

Писмото беше испратено до премиерот Димитар Ковачевски и до членовите на собраниската Комисија за европски прашања

Неколку месеци подоцна, односно кон средината на октомври, предлог-измените на Законот поминаа на Комисијата за европски прашања, со што им беше отворен патот да одат на пленарна седница.

Инаку, измените на Законот беа тема и во делот на новинарски прашања за време на заедничката прес-конфренеција на претседателот Стево Пендаровски и неговиот австриски колега Александер ван дер Белен, за време на неговата посета на земјава на 29 март, годинава.

Одговарајќи на новинарско прашања, Пендаровски тогаш упати апел до Владата да не ги турка измените на Законот за европско знаменце, туку тие да одат во редовна процедура за да може да се отвори дискусија во која ќе бидат соочени ставовите на сите страни.

Помеѓу интересите на вработените во оваа индустрија, кои потенцијално би можеле да ја изгубат работата, и интересите на нашите деца и граѓани, додаде Пендаровски, потребно е да се најде баланс, а тој, како што кажа, нема да биде најден ако законските измени бидат протрчани низ парламентарната процедура.

„Впрочем, знаете дека во последните неколку извештаи на Европската комисија за прогресот на Македонија во однос на евроинтеграциите често сме критикувани за закони на кои ќе им закачите европско знаменце за да поминат побрзо во парламентот. Ова е дебата која не треба да се избегнува и која не треба да трае три дена“,  рече тогаш Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски со неговиот австриски колега Александер ван дер Белен за време на неговата посета на земјава на крајот на март, годинава / Фото: Архива

Одговорот на претседателот на темата беше краток:

„Сметам дека е легитимно да се размислува за заштитни мерки за граѓаните бидејќи станува збор за мошне чувствителен домен, но за ова денеска не разговаравме со претседателот Пендаровски. Сепак, верувам дека мора да бидат испочитувани стандардите на Европската Унија и сум релативно сигурен дека Собранието во Северна Македонија ќе најде добар пат да го регулира ова“,рече Ван дер Белен на прес-конференцијата.  

Кој друг е против измените и зошто?

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своите реакции со кои повикуваа на повлекување на предлог-измените, освен дека со нив воопшто не се врши хармонизација на домашното со европското законодавство, наведуваа дека од свиркачи им било укажано дека измените ги пишувал еден вицепремиер со цел лично да го зголеми своето богатство.

Back to top button
Close