Измените на Законот за рестриктивни мерки со кои во земјава ќе се санкционираат лица од „црната листа“на САД наскоро на владина седница

Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал денеска одржало состанок на кој се разгледувале можностите за измени на Законот за рестриктивни мерки со кои треба да се овозможи субјектите од „црната листа“ на САД да подлежат на санкции согласно домашното законодавство.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и нејзиниот колега, вицепремиерот за европски прашања, на состанокот на Координативното тело / Фото: Прес-служба на Владата на РСМ
„Предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки е на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупцијата, организираниот криминал, тероризмот и хибридните закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство“,

се наведува во соопштението од Владата.
Присутните на состанокот, како што се наведува, се согласиле дека треба да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на лисата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство.

Од Владата посочуваат дека поддршката на САД како докажан сојузник на Република Северна Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот.

„Координативното тело заклучи дека по консолидацијата на забелешките и предлозите од членовите кои се дискутираа на денешната седница, предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници“,се наведува во соопштението.

Инаку, на денешниот состанок, со која претседавала вицепремиерката Грковска, учествувале вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии – Бујар Османи, Славјанка Петровска и Фатмир Бесими, потоа директорите на Агенцијата за национална безбедност, агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и за правда.

Присутните на денешната седница на Координативното тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал / Фото: Прес-служба на Влада на РСМ
Грковска законските измени ги најави на 23 ноември во интервју за ТВ Сител, една недела откако на „црната листа“ на САД се најдоа Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Јордан Орце Камчев. На листата на санкции се најдоа и пет фирми поврзани со Јордан Камчев, чие име претходно во јули годинава беше ставено на „црната листа“ на САД.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во таа пригода рече дека со законските измени лицата кои се на листите на санкции на САД, Европската Унија и Обединетите нации би им се оневозможило да бидат носители на функции во земјава.

„Паралелно со зајакнување на критериумите за носителите на функциите, кабинетот за политики за добро владеење подготви предлог за измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки, со кој, покрај правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ОН и правните акти на ЕУ, ќе се додадат и мерките на САД, како основа за законски рестриктивни мерки“,

изјави тогаш вицепремиерката за добро владеење.

Back to top button
Close