Изминатата седмица во Охрид 25, во Струга 24 и во Дебар 15 потврдени случаи на КОВИД-19

– Седмичниот билтен на Центарот за јавно здравје од Охрид што ги опфаќа општините Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа покажува дека во периодот од 1 до 7 август лабораториски е дијагностицирано присуство на КОВИД-19 кај 25 лица од Охрид, 24 лица од Струга и 15 лица од Дебар.

Изминатата седмица од вкупно земените 247 материјали за испитување, 191 се собрани според епидемиолошки индикации (лица кои исполнуваат критериуми за дефиниција на случај), а 56 материјали зе земени при скрининг тестирањето со упат од матичен лекар.

Во Охрид има 86 активни случаи на коронавирус, во Струга 190, а во Дебар 119. Во овој период оздравени се 19 лица од Охрид, 28 лица од Струга и три лица од Дебар. Изминатата седмица се регистрирани три смртни случаи поврзани со КОВИД-19, по една жртва во Охрид, Струга и Дебар.

Кога станува збор за вкупниот биланс од почетокот на епидемијата заклучно со вчерашниот ден КОВИД-19 е регистриран кај вкупно 977 лица во односните општини и тоа 294 лица во општините Охрид и Дебрца, 473 лица во општините Струга и Вевчани и 210 лица во општините Дебар и Центар Жупа. Оздравени пациенти од Охрид се 205, од Струга се 253, а од Дебар и Центар Жупа се 82 пациенти. Црниот биланс е осум починати лица во Охридско, 44 во Струшко, а во Дебар и Центар Жупа шест лица.

Од Центарот за јавно здравје во Охрид повторно предупредување до населението дека епидемијата од коронавирусот се уште трае, коронавирусот циркулира со несмален интензитет во локална трансмисија. Оттаму и апел до граѓаните на претпазливост, одговорност и разум во однесувањето.

-Коронавирусот го пренесуваат луѓето кои не се придржуваат кон мерките и препораките за заштита од КОВИД-19. Во овој момент, единствен начин да се спречи инфекцијата и ширењето на вирусот е строго придржување и примена на превентивните мерки за заштита од КОВИД-19 и тоа поравилна употгреба на заштитна маска, одржување социјална и физичка дистанца, избегнување јавни собири и групирања и често миење на рацете, посочуваат од Центарот.

Back to top button
Close