Измислица е дека изборните резултати се фалсификат

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

По-беда Изборите 2024 покажаа дека: во Македонија на избори излегува само клиентелата на Кале од сите касти. Реално тоа се не повеќе од 35% од населението во Македонија, според резултатите на ДИК. 

Во 17:00 часот вкупниот број на гласачи се движеше околу 40%, и кај претседателските и кај парламентарните избори. До крајот на гласањето таа бројка магично скокна кај парламентарните околу 15%, кај претседателските околу 5%. Тоа значи за околу час и половина излегле над 200.000 гласачи – што е апсурд за Македонија.
За секој кој ги следи изборите познат е фактот дека Македонците, според сите анализи, не гласаат навечер, туку реалните бројки се покажуваат некаде до 15:00 – 16:00 часот. Според ДИК во тој временскиот простор гласале околу 35% гласачи.
Фалсификатот најчесто се прави откако ќе се види одзивот на гласачи до 16:00 часот, може и порано. Ако е неповолен, во последните часови се „полнат кутиите“ (аналогно или дигитално). Иако на овие избори фалсификатот се правеше постепено.
Вчера се случи уште еден класичен фалсификат на волјата на македонскиот народ.
Ама денес никој веќе не говори за фалсификат, оти денес ниту едни избори нема да бидат успешни без добро познатите и уиграни методи на фалсификување избори.
35% се околу 600.000 гласачи. 600.000 клиенти на Калето угнетуваат над 2 Милиона Македонци. По силата на беззаконието.
Нашите душмани не се окупаторите, нашите душмани се домашните циркузанти кои им ја овозможуваат непречената игра на окупаторите. 35%.

 

Наспроти изнесеното во објавата, Државната изборна комисија која претставува стручна, професионална и независна институција која во своето работење се раководи од Уставот, законите и општоприфатените меѓународни стандарди, конвенции и добри практики во изборите, го оцени изборниот процес како успешен, фер и демократски. Оваа оценка се однесува и на парламентарните и на претседателските избори. Никаков изборен резултат или полнење кутии „дигитално или физички“ како што невистинито се тврди во објавата која ја рецензираме не е констатиран од страна на ДИК ниту од страна на домашните и меѓународните набљудувачи. Доколку станувало збор за такво нешто, тогаш тоа би морало да биде забележано, со оглед на тоа што оние коишто би биле „жртви на таквата политичка монтажа“,  имаат свои претставници во избирачките одбори за тоа да го констатираат. Меѓутоа, такво нешто на изборите немаше. ДИК овозможи сите чинители во изборниот процес да имаат еднаков пристап до остварувањето на своите избирачки права.

Еднакво право на глас им е дадено на сите граѓани. Тие гласаа по сопствена волја, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Странските набљудувачи исто така го мониторираа изборниот процес. Двојните избори ги следеа 1.303 домашни и 860 странски набљудувачи, а акредитирани за известување беа и 83 странски новинари.

Во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР денот на изборите е оценет како генерално мирен и спокоен.

Администрирањето на процесот на гласање беше позитивно оценето од набљудувачите на МНМИ во 99 проценти од набљудуваните 1.340 избирачки места. Придонес кон позитивните оценки даде спроведувањето на важните процедурални заштитни мерки, како што се идентификација на гласачите, ставањето печат на гласачките ливчиња од страна на ИО и потпишување на избирачките списоци на 99 проценти од набљудуваните избирачки места, пишува во извештајот.

Сумирањето на резултатите беше позитивно оценето од набљудувачите како ефикасно и непречено во 64 од 66-те набљудувани општински изборни комисии.

До 15 часот излезноста била 31,52 проценти односно гласале 561.363 лица во вториот круг на претседателските избори.

Официјалните податоци од Државната изборна комисија покажуваат дека до 17 часот излезноста за претседателските избори била 39,26 проценти, односно гласале 706.417 гласачи.

До 18 часот и 30 минути, кога е последната официјална информација од ДИК за претседателските избори излезноста била 46,38 проценти односно гласале 784,422 гласачи.

Не е точно наведеното во објавата дека „Македонците не гласаат навечер“, ниту пак, дека „реалните бројки се покажуваат околу 15-16 часот“. Тоа нема логика. Во конкретниот случај до 17 часот според податоците од ДИК воопшто не бил постигнат ни цензусот од 40 проценти, туку излезноста била 39,26 проценти. Кога би било точно дека волјата на граѓаните се гледа меѓу 15 и 16 часот, како што нелогично се тврди во објавата што ја рецензираме, тогаш тоа би значело дека волјата на граѓаните е да нема цензус што секако не е точно. Така, што овој дел од објавата е невистинит.

Исто така, нема никакви докази за етничката припадност на гласачите во вечерните часови. Изборите траат до 19 часот и тоа е последниот момент кога може да се гласа, освен за оние кои ќе се затекнат на избирачкото место и може да останат да гласаат. Дури и кога бројот на гласачи би се зголемил нагло во одреден период, тоа повторно не докажува фалсификат.

Во објавата се тврди дека „фалсификатот се правел постепено“, но без да се понуди ниеден аргумент. Аргументите на спротивната страна, дека никој не правел изборен фалсификат, се согледуваат во позитивните оценки од набљудувачите и од Државната изборна комисија, како и релативно малиот број на поплаки од политичките партии без да се оспори изборниот процес, туку само со издвојување на поединечни инциденти кои не влијаат врз целиот процес. 

Точно е дека на овие избори поголем интерес за гласање имаше на парламентарните, отколку на претседателските избори, меѓутоа тоа не е никаков фалсификат, туку волја на граѓаните.

До 15 часот цензусот за претседателски избори не беше постигнат, но тој беше постигнат до 19 часот. Не може да се каже дека до 15 часот гласаат Македонците, а после 15 часот се фалсификува. Особено не кога за тоа не постојат никакви податоци. Исто така, не е точно дека „600 илјади клиенти на Калето угнетуваат над 2 милиони Македонци по силата на беззаконието“. Таа реченица самата е контрадикторна зашто бројот на пријавени гласачи со право на глас е 1 милион 815 илјади и 350 гласачи. Кои се овие 600 илјади гласачи што угнетуваат поголем број на граѓани од пријавените за гласање?! И Американската амбасада нема никаков удел во гласањето, ниту пак, има механизми за вршење притисок врз тоа некој да гласа или да не гласа.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Извор: Вистиномер

Back to top button
Close