Изненадувачки убедлива победа на владејачката ХДЗ

На парламентарните избори во Хрватска ХДЗ освои дури 66 мандати, додека опозициската коалиција Рестарт неочекувано доби само 41. Паднаа во вода сите калкулации за голема коалиција, а моќта ја загуби и крајната десница, пишува Дојче веле.

Според првичните резултати на парламентарните избори (објавени на полноќ) претседателот на ХДЗ, Андреј Пленковиќ има голема причина за славење. Освен што се покажа дека самостојното излегување на избори за неговата партија беше полн погодок, со освоени 66 мандати тој ќе има сосем комотна позиција во составувањето на парламентарното мнозинство, но и забетониран статус внатре во неговата партија. Како што стојат работите, Пленковиќ би можел да состави влада со помош на осум пратеници од националните малцинства. Од тоа три места се резервирани за српското национално малцинство СДСС на Милорад Пуповац.

Иако владата на Пленковиќ ја нарекуваа и проточен бојлер со оглед на бројот на министри кои беа сменети, а во кампањата влезе со тешка корупциска афера во чие средиште беше истакната членка, државната секретарка на Министерството за правда, Јосипа Римац, гласачите сепак го наградија со голема доверба.

„ХДЗ му се врати на Туѓман“

„Ваков резултат за ХДЗ не само што е голем, туку и обврзувачки. Имавме тежок мандат полн со искушенија, а предизвиците кои се пред нас можеби се и поголеми. Тие предизвици бараат одговорност, искуство и знаење,” рече Пленковиќ и додаде:

„На Хрватска денес и потребна влада на модерен суверенитет. Во изминатите години го поставивме ХДЗ во делот на политичкиот спектар кој ни го остави др.Фрањо Туѓман.”

Од друга страна СДП има повеќе причини за незадоволство – од изборот на коалиционите партнери од кои имаше мал придонес, до потврдата дека граѓаните не го доживеаја Давор Бернардиќ како споспобен лидер на опозицијата и потенцијален премиер.

Рестарт коалицијата, според првичните резултати освои 42 мандата. „Секако дека овој резултат е лош, јас не бегам од одговорноста, подготвен сум да си заминам и за тоа ќе разговараме на утрешната средба со партиското претседателство. Но, ќе продолжиме и понатаму по аманетот на Рачан, да се залагаме за Хрватска каква што ја сакаше тој – нормална земја во која секој со гордост ќе може да каже – јас сум од Хрватска“, рече синоќа Бернардиќ. Претпладнево претседателот на Социјалдемократската партија (СДП) поднесе оставка.

„Можеме!” им ги зема гласачите на СДП

Одливот на избирачи од левицата треба да се побара во платформата „Можеме!”, зелено-левиот сојуз кој освои седум мандати. Станува збор за платформа во која се собрани луѓе со богато активистичко искуство, но со помал стаж во “тврдата“ политика, луѓе кои се препознаени како трн во нога на долговечниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, кој е оптоварен со многу корупциски афери. „Можеме!” сега сигурно силите ќе ги насочи кон локалните избор во Загреб, а од нив во парламентот се очекува да бидат „вистинска левица“ и конкретна „зелена сила“.

„Првиот чекор е влез во Саборот, вториот е тргање од власт на локаните шерифи, а особено по 20 години да го смениме Милан Бандиќ од власт. Загреб е наш!”, рече лидерот на лево-зелените, Томислав Томашевиќ, човекот во кој многумина гледаат иден градоначалник на метрополата. Вели дека е загрижен и за јакнење на крајната десница во Хрватска: „Нема тука место за триумфализам, но ќе се бориме!”

Од друга страна Бандиќ, според првичните резултати, нема освоено ниту еден мандат, па дури ни во Загреб со кој суверено владее. На нацонално ниво, неговите резултати секогаш биле скромни, но во деветтиот парламентарен состав успеа да изгради моќна парламентарна фракција кој примарно функционираше како пазар за дигање раце на оние кои бегаа од парламентарните фракции на партиите преку чии листи влегле во парламентот.

Шкоро го изгуби коалицискиот потенцијал

Домовинското движење на Мирослав Шкоро, е некохерентно во однос на тоа што беше во Мост на изминатите изборни циклуси, но освои очекуван број на места – 15. Суверентитетот, национализмот и борбата против политичкото влијание на српското национално малцинство се одредница на оваа платформа која левицата ја натера да навива за ХДЗ по објавата на првичните излезни анкети. Но, се чини дека на Пленковиќ сепак нема да му биде потребен Шкоро за составување на новата влада.

„Кампањата и се што се случуваше беше во атмосфера на страв и неизвесност, една од нашите набљудувачки дури беше и физички нападната, а имаше и многу нерегуларности. Им честитам на победниците, ХДЗ има историска шанса па да видиме дали ќе владее како до сега или ќе го смени дресот,” коментираше Мирослав Шкоро.

Мост – 8 мандати

Конзервативниот Мост, благодарение на политичкото консолидирање и новите ликови кои ги привлече, освои осум мандати. Со оглед на тоа дека партијата два пати неуспешно (по себе) составуваше влада со ХДЗ, тешко да се очекува дека уште еднаш ќе се приклонат кон веројатниот премиер кои ги исфрли нивните министри од Бански двор.

Жив ѕид – Драги народе, тоа што бираше, тоа и ќе си добиеш

Популистички жив ѕид, предводник на платформата „Доста е кражби”, заминува од Собранието. Имено, станува збор за партија која се распадна во спорот околу мандатот освоен на европските избори, и покрај фактот дека популарноста ја стекнаа благодарение на пораките дека пораките дека моќта и парите не им се важни. Дури ни помирувањето на лидерот на Ѕидот, Иван Вилибор Синчиќ со Иван Пернар, некогашен колега од партијата и икона на антиваксерското движење, не вроди со плод.

„Народот ги одбра оние кои служат на новиот светски поредок, ја поддржуваат агендата на Сорос, народот ги одбра оние кои и служат на глобалната елита верувајќи дека таа елита ќе ги исполни неговите желби. Драги народе, тоа што бираше, тоа и ќе си добиеш”, беше пораката од Пернар за гласачите.

Дали гласаше Милановиќ?

На изборите излезноста беше 46% што ја доведува во прашање легитимноста, барем ако се прашуваат губитниците. Освен корона-вирусот, за помала излезност можеби придонесе и претседателот Зоран Милановиќ кој пред официјалната кампања изјави дека можеби нема да излезе да гласа, а камерите не го снимија на ниту едно избирачко место. Од неговиот кабинет на новинарите им порачаа дека „гласањето е лична работа на претседателот на Републиката”, што за многумина е проблематична порака. Со оглед на најубедливата победа на ХДЗ во последните две децении, не треба да се размислува кој ќе му тропне на врата како потенцијален мандатар

Back to top button
Close