Израел ги отфрла тврдењата дека вратените палестински тела биле мачени

Израел денеска ги отфрли тврдењата на милитантната група Хамас дека вратените тела на палестинските затвореници покажуваат знаци на мачење, јавува ДПА.

Директорот на здравствениот орган управуван од Хамас во Газа, Мунир ал-Барш, рече дека има индикации дека лицата биле застрелани или обесени.

-Телата покажувале знаци на тепање, врзување, превези за очи и изгореници, рече тој, без да даде докази. Канцеларијата за медиуми на Хамас, исто така, зборува за „ целни егзекуции“, пренесува ДПА.

Тврдењата не можат да бидат независно потврдени.

За израелската војска овие обвинувања се „лажна пропаганда“ од страна на Хамас.

Сите тела вратени досега биле борци од Појасот Газа, нагласи ИДФ, пренесе германската агенција.

Портпаролката на израелската Влада рече дека извештаите се обид за демонизирање на Израел.

Израел досега предал 195 тела како дел од планот за прекин на огнот посредуван од САД, соопшти палестинскиот здравствен орган. Од нив, 57 се идентификувани од роднините. Останките на 54 Палестинци кои не можеа да се идентификуваат беа погребани денеска, соопшти Министерството за здравство во Газа.

Хамас досега ги предаде телата на 15 израелски заложници и треба да ослободи уште 13 како дел од американскиот план за прекин на огнот. За секој заложник чии останки ќе ги предаде Хамас, Израел мора да ги ослободи телата на 15 починати жители на Појасот Газа, потсетува ДПА

 

Back to top button
Close