Израел ги презеде телата на две деца и нивната мајка, убиени во Газа

Враќањето на телата на заложниците во Израел е национална трагедија и „нашите срца се скршени“, изјави денеска израелскиот претседател Исак Херцог, додека Израел ги презема посмртните останки на децата Бибас и нивната мајка – симболи на трагедијата од 7 октомври 2023 година.

„Агонија. Страдање. Нема зборови“, напиша Херцог на платформата Икс. „Срцата на целата нација се скршени. Во име на Државата Израел, ја наведнувам главата и молам за прошка. За прошка што не ве заштитив тој страшен ден. За прошка што не ве вративме живи дома“, објави израелскиот претседател.

Хамас денеска ги предаде телата на израелското бебе Кфир, кое беше киднапирано на девет месеци, и неговиот четиригодишен брат Ариел – двајцата најмлади заложници киднапирани од Хамас при нападот на 7 октомври 2023 година, кои станаа симбол на траумата од тој ден.

Возила на Црвениот крст во Појасот Газа презедоа четири црни ковчези со фотографии. Станува збор за децата и нивната мајка Шири Бибас, како и за телото на четвртиот заложник, Одед Лифшиц.

Тие беа предадени согласно договорот за прекин на огнот во Газа, постигнат минатиот месец со поддршка на САД и посредништво на Катар и Египет. Хамас тврди дека заложниците биле убиени во израелски воздушни напади.

Израелската армија соопшти дека ги презела ковчезите со телата на четворицата заложници, кои сега ќе бидат пренесени во судско-медицинскиот институт „Абу Кабир“ во Јафа за официјална идентификација. „Претставници на израелската армија ги придружуваат нивните семејства во овие тешки моменти“, се вели во соопштението.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во кратка изјава рече дека денеска ќе биде „многу тежок ден за Државата Израел, вознемирувачки ден, ден на тага“.

Back to top button
Close