Израел го намали нивото на дипломатските односи со Бразил
Израел денеска го намали нивото на дипломатските односи со Бразил, откако бразилската Влада одби да го одобри назначувањето на новиот израелски амбасадор, соопшти портпаролка на израелското МНР во Ерусалим.
„Критичкиот и непријателски курс кој Бразил го следи кон Израел по 7 октомври 2023 година ескалираше кога претседателот на земјата ги спореди израелските дејствија со оние на нацистите“, се наведува во соопштението.
Спорот меѓу двете држави се продлабочи минатата година, кога бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва ја спореди израелската воена операција во Газа со Холокаустот. Израел тогаш го прогласи Лула за „персона нон грата“ и го повика бразилскиот амбасадор Фредерико Мајер во меморијалот „Јад Вашем“, што во Бразил беше оценето како јавно понижување, по што амбасадорот беше повлечен.
Бразил дополнително одби да го прифати Гали Даган како нов амбасадор на Израел во земјата. Од МНР на Израел нагласија дека и покрај случувањата, државата продолжува да одржува „тесни контакти со бројни пријатели на Израел во Бразил“.