Израел го обвинува Хамас за кршење на примирјето во Газа, палестинското движење негира

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го обвини Хамас за кршење на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа откако еден армиски офицер беше ранет од експлозивна направа во Рафа и вети одмазда.
Во соопштението од кабинетот на премиерот се вели дека Хамас мора целосно да се придржува до октомврискиот договор, истакнувајќи дека тој бара радикалната група да биде отстранета од власта во Газа и за демилитаризација и дерадикализација на територијата.
„Израел ќе одговори соодветно“, се додава во соопштението.
Претходно, израелската војска соопшти дека експлозивна направа била употребена против воено возило во областа Рафа, во најјужниот дел од Газа, и дека еден офицер бил полесно ранет.
Палестинското движење го негираше обвинението.
„Експлозијата беше предизвикана од бомби што непријателот ги остави зад себе, а кои не експлодираа, а ние ги информиравме медијаторите за тоа“, напиша функционерот на Хамас, Махмуд Мердави, во објава на „Х“.
Насилството во Газа се смири, но не престана откако стапи на сила прекинот на огнот на 10 октомври, а страните редовно се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот. Министерството за здравство на Газа вели дека Израел убил повеќе од 400 луѓе на територијата откако стапи на сила прекинот на огнот.
Планот од 20 точки предложен од американскиот претседател Доналд Трамп во септември повикува на почетен прекин на огнот, проследен со чекори кон поширок мир. На крајот, тој повикува Хамас да се разоружа и да нема никаква управувачка улога во Газа, а Израел да се повлече од територијата, која е во урнатини по две години војна.
Страните во конфликтот не се согласиле целосно за сè во планот.
Хамас изјави дека ќе го предаде своето оружје само ако се воспостави палестинска држава.





