Израел и Хамас договорија прекин на огнот
Израелскиот безбедносен кабинет одобри прекин на огнот по 11-дневен конфликт во Газа и по повеќедневен меѓународен притисок да се стави крај на крвопролевањето.
Во последниве денови, израелските медиуми сугерираат дека војската верува дека нејзините цели во голема мера се исполнети, а властите на Хамас велат дека е постигнато примирје.
Претходно денес, завојуваните страни престанаа со оган неколку часа. Мирот не траеше, но претходните рунди борби имаа слични затишја, кои беа сфатени како обиди за градење доверба, пред официјалното завршување на непријателствата.
Паузата во насилството се случи еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден, кој во голема мерка избегнуваше притисок врз сојузникот на Вашингтон, му рече на Нетанјаху дека очекува „значителна деескалација“ која треба да доведе до прекин на огнот.
Белата куќа соопшти дека верува оти Израел постигнал „значајни воени цели“ и е во позиција да ги прекине операциите.
– Видовме извештаи за движење кон потенцијален прекин на огнот. Тоа е очигледно охрабрувачко – рече прес-секретарот на Белата куќа, Џен Псаки.