Израел призна дека стои зад убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије во Иран
Станува збор за прво јавно признание од страна на израелските власти дека војската на земјата го убила Ханије кон крајот на јули во иранската престолнина.
Израелските власти официјално потврдија дека одбранбените сили на земјата (ИДФ) го убиле поранешниот политички лидер на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханије, што се случи претходно оваа година во Техеран и предупредија дека војската ќе го „обезглави“ и раководството на јеменските бунтовници хути, јавуваат светските медиуми.
Потврдата дека Израел стои зад убиството на Ханије доаѓа пет месеци по неговата ликвидација, а информацијата ја соопшти министерот за за одбрана на земјата, Израел Кац на настан во Министерството со кое раководи, пренесува „Гардијан“.
„Ќе удриме силно на хутите…и ќе го обезглавиме нивното раководство, исто како што направивме со Ханије, (Јахја) Синвар и (Хасан) Насрала во Техеран, Газа и Либан. Ќе го сториме тоа и во Ходеида и Сана“,изјавил Кац на вчерашниот настан.
Станува збор за прво јавно признание од страна на висок функционер на израелската влада дека нивните сили стојат зад убиството на Ханије што се случи кон крајот на јули во иранската престолнина.
„Секој што ќе крене рака против Израел ќе му биде отсечена, а долгата рака на ИДФ (израелската војска) ќе го удри и ќе го бара од одговорност“ рекол Кац, според соопштението објавено од Министерството.
Рано утрово израелските одбранбени сили соопштија дека во неколку области во централен Израел се огласиле сирените за тревога по лансирањето проектил од територијата на Јемен. Ракетата, според информациите била пресретната пред да премине на израелска територија. Засега нема информации за евентуално жртви.
Инаку, хутите во Јемен, кои ја имаат поддршката од Иран, лансираа голем број проектили и беспилотни летала кон Израел во текот на војната во Газа, опишувајќи ги нападите како акти на солидарност со Палестинците. Во саботата, проектил падна во Тел Авив и рани најмалку 16 лица.
Израел досега изврши три воздушни напади во Јемен и најави дека ќе го засили притисокот врз бунтовничката група додека не престанат ракетните напади.
Исмаил Ханије, за кого се сметаше дека ги предводи преговарачките напори на Хамас за прекин на огнот во Газа, беше убиен во куќа во Техеран на 31 јули, наводно од експлозивна направа што ја поставиле израелските оперативци неколку недели претходно.
Висок функционер на Хамас тогаш го опиша убиството на Ханије како „кукавички чин што нема да остане неказнет“.
Еден ден претходно, Ханије присуствуваше на инаугурацијата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
На 27 септември, Израел го уби Насрала во бомбашки напад во Бејрут, по што следеше убиството на наследникот на Ханија, Синвар на 16 октомври во Газа. Израелските власти велат дека Синвар го организирал нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Појасот Газа.