Израел се надева дека Парламентот на Словенија ќе ја отфрли препораката на Владата за признавање на палестинската држава


– Израелскиот министер за надворешни работи денеска изјави дека „се надева“ оти Парламентот на Словенија ќе ја „отфрли“ денешната препорака на Владата за официјално признавање на палестинската држава.

Гласањето е закажано за вторник, една недела откако Шпанија, Ирска и Норвешка одлучија да ја признаат палестинската држава.

– Одлуката на словенечката влада да му препорача на словенечкиот парламент да ја признае палестинската држава е награда за Хамас, напиша Кац на Х.

– Се надевам дека словенечкиот парламент ќе ја отфрли таа препорака, додаде тој.

Словенечката влада денеска донесе одлука да ја признае Палестина како независна и суверена држава и ја испрати до парламентот на потврда, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб во Љубљана.

Голоб по седницата на Владата рече дека решението по моделот на две држави – Израел и Палестина е „начин за постигнување мир“ и оти одлуката на неговиот кабинет „не е насочена против никого“.

Претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакочар Жупанчич најави дека Националното собрание во вторник ќе расправа за владината одлука за признавање на палестинската држава, пренесува СТА.

Шпанија, Ирска и Норвешка неделава ја признаа палестинската држава, приклучувајќи се на 140 земји кои веќе го направија тоа. Доколку Националното собрание ја потврди владината одлука, Словенија ќе стане десеттата од 27-те земји-членки на ЕУ што ја признаваат државата Палестина.

Back to top button
Close