Израел тврди дека го убил командантот на Хамас задолжен за обука на борци во Триполи
Израелската војска (ИДФ) денеска објави дека во воздушен напад во Триполи, најголемиот град во северен Либан, е убиен командантот на палестинското милитантно движење Хамас, Васим Аталах Али, задолжен за обука на борци во таа земја, додека судирите на Израел со либанското проиранско милитантно движење Хезболах продолжуваат и се шират во северен Либан.
Според соопштението на израелската војска, Али бил одговорен за обука и воени вежби за вооружените крила на Хамас во Либан и бил опишан како оперативец кој „промовирал терористички напади што би ги загрозиле израелските цивили и припадниците на израелските одбранбени сили“, објавува Ал Џезира.
Војската во објава на Телеграм соопшти дека поморските сили учествувале во операцијата, која го извршила нападот во кој бил убиен Али, обвинувајќи го за обука на борци на Хамас.
Хамас сè уште не ги коментирал обвинувањата.
Во меѓувреме, проиранската милитантна група Хезболах разменува нови напади со Израел, по ескалацијата на регионалните конфликти.
Израелската војска, исто така, објави дека ги проширила нападите врз либанска територија, каде што денес беа убиени најмалку десет лица, според достапните податоци.
На жителите на јужните предградија на Бејрут, на кои претходно им беше наредено да се евакуираат, им беше кажано да се засолнат кон Триполи.






