Израел: Женското тело кое го предаде Хамас не е Шири Бибас

Телата на киднапираните Израелци Одед Лифшиц и браќата Ариел и Кфир Бибас беа идентификувани откако милитантната палестинска група Хамас вчера (20 февруари,2025) ги врати нивните тела во Израел. Израелските безбедносни сили (ИДФ) меѓутоа соопштија дека женското тело испратено од групата не е на мајката на киднапираните деца, Шири Силберман Бибас.

Специјалистите од Форензичкиот институт не можеле да го идентификуваат четвртото тело, соопшти ИДФ, велејќи дека потегот на Хамас е „сериозно кршење“ на договорот за прекин на огнот во војната во Газа, бидејќи групата има обврска да ги врати телата на четворицата мртви заложници.

„Бараме Хамас да ја врати Шири и сите наши заложници. Ние сочувствуваме со семејството Бибас во овој тежок момент и ќе продолжиме со сите напори да ги вратиме Шири и сите заложници што е можно поскоро“, се вели во соопштението на ИДФ.

На церемонијата организирана од Хамас вчера утрото, еден од четирите ковчези беше означен како телото на Шири Бибас, со нејзината фотографија и името на хебрејски и арапски, како и датумот на нејзиното апсење, 7 октомври 2023 година

Форензичарите извршија бројни тестови на телото, но во извештаите хебрејските медиуми велат дека немало совпаѓање и дека идентитетот на останките сѐ уште е нејасен.

Врз основа на форензичките докази и разузнавачките информации, властите утврдиле дека двете момчиња биле убиени во ноември 2023 година.

ИДФ наведе дека во моментот на убиството, Ариел имал четири години, а Кфир 10 месеци.

Таткото на семејството, Јарден, бил киднапиран од Хамас откако го напуштил својот дом во Нир Оз за да се обиде да го спаси своето семејство на 7 октомври 2023 година. Тој беше ослободен од заложништво на 1 февруари, годинава.

Претходно беше потврдено дека Одед Лифшиц, 83-годишник од Кибуц Нир Оз, бил убиен во заробеништво пред повеќе од една година.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ја „израмни сметката“ со Хамас, додека министерот за одбрана Израел, Кац, рече дека Хамас ќе биде уништен.

„Ќе им се одмаздиме на нашите непријатели и ќе ја обезбедиме нашата иднина“, рече тој. (Dw)

Back to top button
Close