Израелска армија: Повеќе од 250 борци на Хезболах убиени на 8 април

Израелската војска денеска соопшти дека убила пет воени команданти и повеќе од 250 борци од либанското проиранско движење Хезболах за време на масовните воздушни напади во Либан на 8 април.
Меѓу лидерите на проиранското движење за кои тврди дека се елиминирани, израелската војска наведува тројца команданти на разузнавачка единица, вклучувајќи го началникот на штабот за логистичка поддршка Хасан Насер и заменик-командантот на ракетната единица Абу Мохамед Хабиб.
Министерството за здравство на Либан објави повеќе од 350 смртни случаи и 1.200 повредени за време на нападите, кои се без преседан по обем откако започнаа непријателствата на 2 март.
Израел продолжи со нападите врз Либан дури и откако стапи на сила кревкото двонеделно примирје меѓу Иран и САД.






