Израелската армија уби 22 луѓе во Либан

Израелската армија денеска отвори оган врз жителите на јужен Либан, кои се обиделе да се вратат во своите домови, при што загинаа 22 лица, а повредени се 124.

– Нападите на израелскиот непријател врз цивилите, кои се обидуваа да се вратат во нивните села кои сè уште се под окупација, резултираа со смрт на 22 лица, меѓу кои шест жени и еден војник, а 124 беа повредени на 19 различни локации, се наведува во соопштението од либанското Министерство за здравство.

Според планираното Израел денеска требаше да го заврши повлекувањето од јужниот дел на Либан, но Тел Авив тврди дека сè уште не се исполнети условите за прекин на огнот. Тоа значи дека израелската армија ќе остане во јужен Либан, но сè уште не е познато колку време.

Договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хезболах беше потпишан на 27 ноември и во рок од 60 дена требаше да се повлечат израелските војници и припадниците на Хезболах, а во јужниот дел од земјата да биде распоредена либанската армија.

Претходно Обединети нации соопштија дека сè уште не е безбедно во пограничните региони на Либан за враќање на бегалците.

Back to top button
Close