Израелски велосипедски тим исклучен од Џиро д‘ Емилија

Организаторите на еднодневната велосипедска трка Џиро д‘ Емилија, закажана за 4 октомври, му забранија настап на тимот Израел-Премиер Тек, објави викендов весникот „Газета дело Спорт“.
Забраната доаѓа по загриженоста на организаторите за евентуално повторување на инцидентите до кои дојде неодамна на трката Вуелта, каде пропалестинските демонстранти постојано ги блокираа патиштата. Организаторите на тринеделната трка во Шпанија мораа да преземат неколку мерки, на крајот откажувајќи ја финалната етапа, поради бројните протести против присуството на израелскиот тим.
Во контекст на овие случувања, организаторите на трката Емилија Ромања, која ќе стартува во Мирандола и ќе заврши во Болоња, презедоа мерки од своја страна.
Организаторот на трката, Адријано Амичи, објасни дека одлуката за исклучување на тимот, во сопственост на канадско – израелскиот милијардер Силван Адамс, е донесена за да се „обезбеди безбедноста на сите спортисти, спортски работници и гледачи“.
Градскиот советник на Болоња, Роберта Ли Калци, ја поздрави одлуката на организаторите на трката, посочувајќи дека спортот е средство за промовирање на универзалните вредности, вклучувајќи ја правдата и солидарноста.
„Мило ми е што ова мислење го делат и организаторите на трката, кои потврдија дека израелскиот тим нема да учествува на Џиро д‘ Емилија.“, изјави Ли Калци.

Back to top button
Close