Изведба на перформансот „Скринсејвер“ во рамките на МОТ

Во рамки на 45-тото издание на МОТ, здружението Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје вечерва во главната сала во Младинскиот културен центар ќе го претстави перформансот „Скринсејвер“, кореографското дело на Александар Георгиев.

Како што соопшти организаторот, перформансот ќе биде изведен од Александар Георгиев, Дарио Барето Дамас (Шпанија), Жана Пенчева (Бугарија) и Тереза Лазарев (РС Македонија).

– „Скринсејвер“ може да се сфати како танцова пракса, но всушност станува збор за еротско ТВ поп-шоу или едноставно апсурдно видео рекламирање на архивата за танцување, која се негува уште од 60-тите, 70-тите, 80-тите и 90-тите години. Архива која спекулативно отвора простор за други темпоралности кои поинаку се бавеле со танцот, за да коегзистираат истовремено во денешната перцепција на танцот и кореографијата. Ќе се отвори простор каде што конечно ќе може да се доживе илјада пати одиграниот танц, или сеќавањето на танцот што сме го гледале толку многу пати и сите го носиме во себе како кинетичка меморија. Ќе се отвори простор за танц на идна носталгија. „Скринсејвер“ создава клима на задоволство додека танцот и кореографијата се доживуваат како кинематографска меморија на телата, наведува организаторот.

„Скринсејвер“ е дел од истражувањето „Ко-серии“, кое претставува епизодично структурирана кореографска серија која се занимава со денешните практики на коегзистирање.

– „Скринсејвер“ е првата епизода од „Ко-серии“, која се појави како јасен интерес за време на уметничкиот престој во студиото ТОР во Брисел во 2019 година, а понатаму се разви, во контекст на уметнички резиденции, во ccap и c.off (2019) и  Констнарснамнден (2020) во Стокхолм, во Кино Култура и Младинскиот културен центар во Скопје (2020), додава организаторот.

Перформансот „Screensaver“ е развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, финансирана од Министерството за култура.

Програмата е курирана од Биљана Тануровска Ќулавковски, продуцирана  од Виолета Качакова и координирана од Зорица Зафировска.

Back to top button
Close