Извештај на ЕК: Северна Македонија постигна добар напредок, потребни се поголеми напори во борбата против корупцијата

Северна Македонија постигна добар напредок во однос на борбата против корупцијата и во оваа област има одредено ниво на подготвеност. Корупцијата, сепак, е распространета во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители вклучени во спречувањето и борба против корупцијата. Земјата воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси. Во однос на борбата против организираниот криминал, законската рамка во голема мера е во согласност со европските стандарди и напорите за спроведување стратегии против организираниот криминал мора да продолжат. Ова се клучните елементи што се наведени во Извештајот за напредокот на Северна Македонија.
-Судскиот систем на Северна Македонија има одредено ниво на подготовка/е умерено подготвено. Имаше добар напредок во спроведувањето на стратегијата за реформи во судството, притоа имајќи ги предвид „Итните реформски приоритети“ и препораките од Венецијанската комисија и Групата високи експерти за системски прашања за владеење на правото, стои во Извештајот.
Се нотира оти сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план на стратегијата за реформи во судството. Судските институции спроведуваат нови правила за именување, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, а Судскиот совет попроактивно ја извршува својата улога.
-Како резултат на нејзините реформски напори во последниве години, Северна Македонија воспостави механизми за обезбедување независност и одговорност на судството, како што се правила за назначувања врз основа на заслуги, проверка на имотот и судир на интереси и дисциплински постапки. Треба да обезбеди нивна решителна и доследна употреба пред да се предвидат понатамошни промени во оваа област. Законот за јавно обвинителство стапи во сила во јуни 2020 година. Целта на законот е, меѓу другото, да обезбеди одржливо решение за случаите на Специјалното обвинителство и да утврди одговорност за кривичните дела што произлегуваат од и се поврзани со незаконското прислушување, стои во Извештајот.