Извештај на ЕП за Косово: Потребно е избегнување на еднострани активности кои го поткопуваат дијалог Белград-Приштина
Косово постигна напредок во изборните реформи, економската отпорност и заштитата на основните права, но заедно со Србија мора да избегнува еднострани активности кои го поткопуваат процесот на дијалог Белград-Приштина, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Косово во 2023 и 2024 година, усвоен денеска од страна на парламентарниот Комитет за надворешни работи (АФЕТ) со 48 гласа „за“, 19 „против“ и 6 „воздржани“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во Извештајот се нагласува дека и покрај значителниот напредок во некои сфери, остануваат предизвиците поврзани во судските реформи, слободата на медиумите, ефикасноста на јавната администрација и дигитализацијата на јавните услуги.
– Решеноста на Косово да се приклучи на Европската Унија е постојана и сите напори да се извлече Косово од „сивата зона“ се во интерес и на Косово и на ЕУ, нагласуваат европратениците во Извештајот, додавајќи дека целосно ја поддржуваат кандидатурата на Косово за членство во Советот на Европа, неговата стратешка намера да се приклучи на Програмата на НАТО „Партнерство за мир“ и неговите обиди за зачленување во други меѓународни организации.
Европратениците го поздравуваат напредокот постигнат во судењата за случаите на корупција, но посочуваат дека е неопходна силна политичка посветеност на борбата против корупцијата на високо ниво и повикуваат на продолжување на зајакнувањето на капацитетот на Специјалното обвинителство за истражување и гонење на случаите на организиран криминал од висок профил.
Во документот се повикува и на „итно укинување“ на рестриктивните мерки на ЕУ против Косово, кои, според европратениците, повеќе не се оправдани, бидејќи Приштина ги исполнила барањата на ЕУ. Во текстот се потенцира дека овие мерки се „во голема контрадикторност со посветеноста на Косово на европските вредности“ и го попречуваат продолжувањето на дијалогот Белград-Приштина.
Европратениците оценуваат дека овој дијалог досега не ги даде очекуваните резултати и ги повикуваат Косово и Србија да ги спроведат договорите од Брисел и од Охрид и да се формира на Заедницата на општини со мнозинско српско население, а од Белград се бара да престане со противењето на членството на Приштина во регионални и меѓународни организации.
Во Извештајот, исто така, се повикуваат Белград и Приштина да избегнуваат еднострани активности кои би можеле да го поткопаат процесот на нивниот дијалог.
Известувачот на ЕП за Косово, естонскиот европратеник Рихо Терас оцени дека на процесот на интеграција на Косово му треба нов моментум и дека е потребно ново поглавје во разговорите меѓу Приштина и Белград.
– Исклучително позитивно е тоа што сите големи партии на политичкиот пејзаж на Косово се силно за интеграција во ЕУ. Иднината на Косово е во европското семејство, заснована на Реформската агенда и ние мора да работиме заедно, истакна Терас.