Извештај на ЕУ: Македонија има загуби на струја од 13,8% што е над меѓународен стандард од Fokus
Според Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2024 година, административниот капацитет на земјата во областа на енергетската политика и инвестициите е и натаму недоволен. Недостасува систем за енергетски податоци во Министерството за економија, како и квалитетна евалуација и проценка на енергетските политики и перформанси.
Извештајот нагласува дека имплементацијата на актуелното законодавство за обновлива енергија е несоодветна, додека регулативите за оцена на влијанието врз животната средина остануваат неусогласени со европските стандарди, што го зголемува ризикот од неквалитетни еколошки оцени за стратешки проекти.
Исто така, нема значајни подобрувања во подзаконските акти за малите хидроелектрани со инсталирана моќност под два мегавати. Законот за енергетска ефикасност е само делумно усогласен со европските директиви, а неговото ажурирање е во тек.
„Северна Македонија останува високо зависна од јаглен, додека термоелектраните Битола и Осломеј продолжуваат да работат со ограничени домашни ресурси и увозен јаглен. Позитивни промени се забележуваат кај производството од обновливи извори, со раст на капацитетот за 50% од вкупната инсталирана моќност, а производството од соларни централи бележи импресивен раст од 287% во 2023 година.
Залихите на нафта се доволни за 58 дена, под обврската од 90 дена. Недоволно е и усогласувањето на регулативите за складирање на гас, што влијае на енергетската безбедност на земјата. МЕПСО и ЕСМ се повикуваат да работат на дигитализација и транспарентност на јавните набавки, додека загубите на електричната мрежа од 13,8% остануваат над меѓународните стандарди.
Целта за учество на обновливите извори во потрошувачката на енергија е поставена на 38% до 2030 година, во согласност со целите на Енергетската заедница, но инвестициите во хидроенергијата треба да бидат во рамките на релевантните закони за заштита на животната средина.
Во тек е изградбата на гасниот интерконектор со Грција, како дел од планот за енергетска поврзаност, а се планира и интерконектор со Србија. Владата, со патоказот за праведна транзиција усвоен во јуни 2023 година, предвидува активности за постепена транзиција на регионот на Битола и Кичево кон почисти извори на енергија.
Северна Македонија сè уште чека на ажурирање на својот национален акционен план за енергија и клима, согласно препораките на Енергетската заедница“, се вели во Извештајот за напредокот на земјата