Извештај на ГРЕКО: Од 19 препораки, 9 се имплементирани во задоволителна мера, 9 се делумно, а само 1 не е имплементирана

Соопштение на Министерство за правда:

На својата 90-та пленарна седница која се одржа во периодот 21 – 25 март 2022 година, Групата на држави против корупција на Совет на Европа (ГРЕКО) го усвои Адендумот на Вториот Извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Северна Македонија во рамките на Четвртиот евалуационен круг (на тема: “Спречување на корупција кај пратениците, судиите и обвинителите”). ГРЕКО заклучи дека Северна Македонија постигна одреден напредок во спроведувањето на препораките содржани во Извештајот од Четвртиот круг на евалуација.

 

Ја охрабри државата да продолжи со започнатите активности во оваа насока и забележа дека се во тек натамошни реформи во однос на голем број од преостанатите препораки. Од дадените вкупно деветнаесет препораки, девет се имплементирани во задоволителна мера, девет се делумно имплементирани, а само една препорака е неимплементирана. Што се однесува на судството, ГРЕКО забележа проширување на опсегот на санкциите што се применуваат на судиите, повикувајќи се на  член 78 став (2) од Законот за судовите.

Што се однесува на обвинителите, ГРЕКО го поздрави донесувањето на новиот етички кодекс којшто претставува сеопфатен сет на правила поврзани со интегритетот. Исто така, ГРЕКО го истакна како позитивен фактот дека одлуките на надзорното тело во врска со етичките прекршувања (Советот за етика) овозможуваат покренување на дисциплински постапки против засегнатите обвинители. Во однос на системот за пријавување на имотната состојба, утврдено е дека презентираните статистички податоци покажуваат поефикасна имплементација во пракса на системот за пријавување на имотна состојба. Бројот на административни проверки извршени од страна на ДКСК е зголемен и тие резултирале со идентификување на повреди врз процедурални основи, односно ненавремено доставување на анкетните листови за пријавување на имотна состојба. ГРЕКО даде рок до 31 март 2023 година да се извести за реализацијата на преостанатите препораки.

Back to top button
Close