Извештај на ИЈЗ: Починале 31 здравствен работник, 7 трудници и 5 реинфицирани

Заклучно со 12 септември во Македонија од ковид-19 починале 6.277 лица, а според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) меѓу нив се 31 здравствен работник, седум трудници и пет пациенти кои се воделе како реинфицирани.

На 8 април 2021 година во земјава се регистрирани најголем број смртни случаи од ковид-19, дури 49.

Од регистрираните смртни случаи од ковид-19, најголем дел се на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.

Регистрирани се 3.805 смртни случаи кај лица од машки и 2.472 кај лица од женски пол. Од починатите, кај 4.627 (73,7% од лицата за кои има податок) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=3.735), дијабет (n=1.559) и белодробна болест (n=693). Од пријавените случаи на реинфекција, 5 завршиле со смртен исход. Регистрирани се 7 смртни случаи кај бремени жени и 31 смртен случај кај здравствени работници. Од пријавените случаи, 371 (5,9%) починале во вонболнички услови, а 5.906 (94,1%) починале во болнички услови.

ИЈЗ регистрира дека највисок морталитет има во Прилеп и во Охрид. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и во Струга. Репродукцискиот број на заразени од ковид-19 (R0) во Македонија изнесува 0,97 заклучно со 12.09.2021, се вели во извештајот на ИЈЗ.

Според категоризацијата на ризикот и проценката на ситуацијата земајќи ги предвид индикаторите на СЗО за можноста за понатамошна трансмисија и капацитетите за одговор на земјата, се проценува дека Македонија е во фаза на широка трансмисија, под ниво 3, со умерени капацитети за одговор.

Првиот случај на зараза со ковид-19 во Македонија е регистриран на 26.02.2020. Највисок број пријавени случаи на дневно ниво (1.512) имало на 30.03.2021.

Првиот случај е регистриран во 9-тата недела, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи. Најголем број на заболени на неделно ниво (7.923) е регистриран во 13 недела во 2021 година. По 7 недели на континуиран пораст, во три последователни недели е забележано намалување на бројот на заболени.

Вчера Министерството за здравство објави дека вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 184.893, бројката на оздравени пациенти е 165.527, на починати е 6.339, а бројот на активни случаи изнесува 13.027.

Back to top button
Close