Извештај на ОН: Индиции за етничко чистење во Газа

Систематско уништување, блокади, присилни преселби: Канцеларијата за човекови права на ОН го обвинува Израел за тешки прекршувања на човековите права.

Канцеларијата за човекови права на ОН во Женева гледа индиции за етничко чистење на палестинските територии окупирани од Израел. „Засилените напади, систематското уништување на цели квартови и одбивањето на хуманитарна помош очигледно имаат за цел трајна демографска промена во Појасот Газа“, се наведува во извештајот. „Во комбинација со присилните преселби, кои очигледно се насочени кон трајно протерување, тоа буди загриженост за етничко чистење во Појасот Газа и на Западниот Брег.“

 

Реакција: „Демонизација на Израел“

Израел одамна го обвинува Советот за човекови права на ОН за пристрасност. На барање за коментар за извештајот, израелската мисија во Женева соопшти: „Канцеларијата на Високиот комесар (за човекови права) води злонамерна кампања на демонизација и дезинформации против државата Израел.“ Канцеларијата, според израелската мисија, била во соработка со експерти кои шират омраза и затоа нема кредибилитет.

 

ОН: Користење на гладот како воено средство е воено злосторство

Натаму во извештајот, изработен по налог на Советот за човекови права на ОН, стои дека во периодот од 1 ноември 2024 до 31 октомври 2025 најмалку 463 луѓе во Појасот Газа умреле од глад, меѓу нив 157 деца. „Секоја употреба на глад како воено средство против цивилното население претставува воено злосторство.“

На 9 октомври 2025 стапи во сила американскиот план за прекин на конфликтот во Газа со примирје. Според податоците на локалните здравствени власти, кои се под контрола на исламистичката Хамас, оттогаш во израелски напади загинале повеќе од 1.500 луѓе.

Од почетокот на израелската војна против терористичката организација Хамас во октомври 2023, според овие податоци, загинале повеќе од 70.000 луѓе. Нападите уследија по невидениот напад врз Израел на 7 октомври 2023, кога терористи од Појасот Газа убија повеќе од 1.200 луѓе во Израел и киднапираа 251 заложник во Газа.

 

ОН: Систематска дискриминација

На окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим, израелските безбедносни сили користеле незаконска сила, стои понатаму во извештајот. Луѓе биле произволно апсени, мачени и малтретирани во притвор, а нивните домови биле урива̀ни за „систематски да се дискриминира, угнетува, контролира и доминира над палестинскиот народ на окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим“. (Dw)

Back to top button
Close