Извештајот во ЕУ: Пирова победа?
Многу врева се дигна околу усвојувањето на извештајот за Македонија во Eвропскиот парламент. Толку, што го подигнавме на ниво на една исконска, монументална борба за битието на нашиот идентитет. Не сум сигурен дека големите очекувања и надежи, кои ги „товариме“ на овој извештај, имаат објективна реална поткрепа. Се плашам дека изедначувањето на извештајот со „ќе нѐ биде или не“ во смисла на идентитетот, може за нас, дури и ако се изгласа извештајот, да се покаже како пирова победа. Мислам дека постои ризик дека се обидуваме да поправиме нешто што не е расипано, и дека можеби ќе си поставиме дипломатска стапица за идните документи во ЕУ.
Првото поминување на извештајот на комисијата (АФЕТ), за нас значи шанса за нова борба, на пленарната седница, за усвојување на вординг кој нам ни одговара. Ако во тоа успееме, тоа секако ќе биде еден вид дипломатска победа, но дали со таквата победа во оваа битка, може да ја загрозиме целата војна. Имено, статусот на македонскиот јазик во односите со Бугарија е проблематичен подолго време. Не е голема тајна дека за Бугарија, посебноста, и етно- историографската генеза на македонскиот јазик отсекогаш била спорна. Така, во претходните билатерални документи (договорите за добрососедство), јазикот се дефинираше како „македонски јазик согласно Уставот“, имплицирајќи дека нашиот јазик постои исклучиво како политички конструкт, и дека има политичка, а не културолошка генеза. Тоа се смени во преговарачката рамка, каде тоа дополнување „согласно Уставот“ се избриша, и добивме „чиста“ формулација на „македонски јазик“ без дообјаснувања. Точно е дека на таа преговарачка рамка Бугарија даде унилатерална изјава, но таа стоеше само во записникот, а и самата Бугарија гласаше за преговарачката рамка со „македонски јазик“ без додавки. Со таква позиција, на македонски јазик, потоа го потпишавме и договорот за Фронтекс.
Раст на тензиите
Токму затоа, имајќи предвид дека поновата позиција за јазикот, онаа која се наоѓа во преговарачката рамка, повеќе или помалку ни одговара, се прашувам зошто повторно ја отвораме таа дебата? Зошто поправаме нешто што не е расипано? Имајќи предвид дека на Балканот, ако за нешто почнеш да се дообјаснуваш, ќе ги потрошиш следните пет децении на дообјаснување, не знам зошто сами ја отвораме оваа дебата, во која ќарот е релативно мал, а ризикот голем.
Прво, мислам дека со последниве потези, од еден технички, административен документ – каков што е извештајот, постои ризик тој да прерасне во проблематичен политички инструмент, на кој ќе се кршат копјата отсега, па во следните години, секој пат кога ќе треба да се усвои неговата најактуелна верзија. Подигнувајќи ги очекувањата за дипломатска победа доколку се усвои целосно оваа верзија на извештајот, дали самите си поставуваме стапица дека ако не се усвои – сценарио кое воопшто не е невозможно – тоа би било дипломатски пораз? Мислам дека ја пренагласуваме улогата и значењето на формулациите во тој формат, и од поминувањето правиме преголем влог, нешто што не соодветствува со реалната политичка тежина на овој документ. Со ваквите потези, мислам дека тензијата на сите страни ќе се подигне, и ќе се соочиме со политички притисок секој нареден пат кога истиов формат ќе се најде пред европарламентарците, нешто што претставува политички ризик. Дополнително, го електризираме целиот амбиент, активирајќи ја „другата страна“ да се постави во гард, и влегуваме во нова дипломатска ескалација.
Цената на „победата“
Дури и да „победиме“, и извештајот да се усвои со сегашниот вординг, проблематично е каква би била реалната долгорочна политичка придобивка од таквиот маневар. Извештајот не е местото каде се дефинира односот на ЕУ кон нашиот јазик и идентитет – преговарачката рамка е секако постратешки документ во таа смисла. Оттаму, се плашам дека со овој пристап, ја преместуваме борбата на погрешна арена: во технички документи наместо во стратешки пристап, и на ситни, симболички битки, додека вистинската војна ја игнорираме. Нашата стратегија не треба да биде да ги дообјаснување и поправаме позициите кои ги имаме, (па дури и ако во нив има еден вид „креативна неодреденост“, толку својствена за вордингот на ЕУ) туку да градиме нови, подобри позиции. Ако ние ја раситниме борбата на вакви микро битки, ризикуваме да се изгубиме во пресингот по ходниците на бриселските административни лавиринти.
На крајот, вревата која се создава од овој, во основа симболичен, вординг, ќе ги радикализира позициите на двете страни. Во ситуација кога имаме доволно причини да се мразиме, не знам дали овие ситни, тлеечки конфронтации ќе ни донесат ќар. Хистеријата со која овој маневар беше дочекан во Бугарија, говори за тоа дека сите дипломатски напори ќе бидат вложени во иднина да се избегне ваков исход во било која форма. Ова има смисла само ако сме навистина подготвени во следната деценија да не правиме ништо друго освен да се „дрибламе“ со Бугарија на меѓународната арена, на секое поле, за секој документ, до бесвест, и во недоглед. Тоа можеби ќе создаде некаков повод за транзиторно удирање во гради дома, но за било кое друго сценарио, оваа авантура ќе беше подобро да ја избегневме.
Петар Арсовски