Извештајот за непотребните операции на срце поминал на затворена владина седница

Владата го разгледала извештајот на независната комисија составена од Министерството за здравство, а која заклучи дека во земјава се изведувале непотребни операции на срце. Извештајот бил разгледан на затворена седница. Овие информации ги сподели Сашо Клековски, кандидат за министер за здравство и директор на ФЗО, во интервју за 360 степени“ на МРТ 1.
Сепак, Клековски не откри дали и какви заклучоци донела Владата во врска со извештајот. Причината е што тој во моментов е директор на Фондот за здравствено осигурување, а не член на Владата.
Давам поддршка
Информацијата ја сподели во делот од разговорот за извештајот за непотребните операции кој е релевантен и за Фондот што го раководи. Операциите „на државно“, ги покрива институцијата, независно дали се направени во државна или во приватна установа.
360°: Што е вашето чувство – има ли притисок овој случај да се забошоти, господине Клековски?
Клековски: Врз мене не. Јас неколку пати јавно повикував да се пријават сите што сметаат дека се оштетени. Сите осигуреници кои се пријавија во Фондот беа доставени во работната група. Фондот учествува со два претставника во работната група и даваме комплетна поддршка на работата. Во меѓувреме, направивме почетни разговори како треба да се организира иднината чекајќи го извештајот. Јас немам пристап до тој извештај на конечната комисија на Министерството.
360°: Јавно беше објавено дека комисијата – странска заедно со домашните експерти – утврдиле непотребна операција во 9 случаи. Се ветуваше јавно објавување на тој извештај, сега нема објавување. Беше најавено дека извештајот ќе оди на затворена седница на Влада… нема информација дека поминал. Извештајот не стигнал…
Клековски: Беше на Влада, да. Меѓутоа немам пристап што е дискутирано бидејќи е затворена седница на Влада.
Засилени контроли
Во продолжението на разговорот, Клековски беше соочен со прашања поврзани со случајот, а кои се во опсегот на неговите овластувања како директор на ФЗО. Во септември минатата година, тој за „360 степени“ кажа – јавна тајна е дека одредени доктори даваат упати за вакви операции строго за одредени болници.
Сашо Клековски, директор на ФЗО
360°: Вие самиот зборувавте за постоење на индикација за тоа дека од одредени јавни здравствени установи имало целно упатување само кон една приватна болница и дека тоа било евидентно. Прво, дали се направи нешто за таа практика да престане, и второ, буџетите и на двете болници коишто ги прават овие кардиохируршки и васкуларни интервенции останаа исти, не се чепнати. А, на крај, прашањето е како се трошат јавните пари, дали рационално се трошат јавните пари.
Клековски: Апсолутно. Ние го зголемивме обемот на контроли. Една од работите на кои исто сум горд во Фондот е сузбивањето на криминалот и корупцијата во Фондот и во здравството. Значи, го зголемивме бројот на контроли – имаме над 7 000 контроли во 2024 година. Редовно годишно ги контролираме сите големи корисници на средства на Фондот и имаме казни. Баш сега е во постапка казна од 20 000 евра за еден приватен провајдер на услуги. Направивме многу во зголемување на видливоста на проблемите со матичните гинеколози каде што има подрачје со најмногу претставки од страна на граѓаните осигурениците. Ја отворивме темата на злоупотреби во боледувањата што се случуваат каде што целиот здравствен систем е инволвиран на еден или на друг начин.
Кој да се оперира – ќе се одлучува по нов терк?
Говорејќи за различни видови злоупотреби, Клековски посочи примери од други области (не од кардиохирургијата) каде што биле фактурирани интервенции кои воопшто не биле извршени.
Разговорот, потоа, се врати на работата на Комисијата во Министерството за здравство.
360°: Ова не се случило, сега кај кардиохирургијата беа обратни ситуациите. Таму сепак се отворал граден кош, а непотребно.
Клековски: Значи, да го почекаме да се објави или јас да го видам извештајот. Морам да кажам дека најголем дел од мерките во кардиохирургија не се наменети за таа цел. Значи тоа што зборував со колегите од Австрија и од Србија, најголемиот фокус е правење операции таму каде што нема потреба да се прави операција, ама не затоа што биле здрави, туку затоа што биле во терминална фаза. Значи, вие имате фаза во која може да му се помогне на пациентот и имате фаза во која веќе таа интервенција нема да му донесе добробит…
360°: Јас разбрав дека има и живи пациенти, но отпосле дознаваат дека непотребно им е правена операција.
Клековски: Затоа… меѓутоа сакам да укажам дека главниот предизвик на здравствените системи е дека со скапи интервенции се лекуваат терминални пациенти.
360°: Но, треба ли тој случај да се реши? Бидејќи страшно звучи ако е отворен граден кош непотребно.
Клековски: Логично. Значи ако нешто оваа влада и здравствените власти покажаа, е дека се посветени на расчистување на криминалот и корупцијата. Значи, го имаме случајот на Онкологија каде што обвинителството има комплетна поддршка од здравствените власти, вклучувајќи го и Фондот, пошто најголем дел од податоците доаѓаат од здравствените власти од Фондот. Имаме еден уапсен директор од сегашната власт на Клиниката за геријатрија. Од оваа власт имаме повеќе апсења за мито во Прилеп, Битола… настрадаа дваесетина членови на комисии. И јас многу често говорам за злоупотребите. Некои од тие работи бараат структурни промени и доаѓање до коренот на проблемот. А коренот на проблемот е што моментално има три кардиохирургии, а националната уредба за здравствена мрежа рекла дека на Македонија ѝ требаат две кардиохирургии. Кога имате повеќе даватели на услуги од тоа што имате потреба, може да се случат вакви проблеми.
Според упатени извори на „360 степени“, извештајот на Министерството за здравство сè уште не е проследен ниту до МВР ниту до Јавното обвинителство. Изборот на нови министри во Владата е закажан за 13 јули 2026 година.
Случајот со непотребни операции на срце го отвори интервентниот кардиолог Сашко Кедев, кога во јавни настапи кажа дека непотребно се вршеле операции на срце на пациенти. Потоа Министерството за здравство состави домашна комисија од експерти, чија работа беше да прима и да разгледува сомнителни досиеја на пациенти кои имале кардиохируршки зафати. Во комисијата членуваа медицински лица од приватните и од државните болници, претставници на Министерството за здравство и ФЗО.
Наодите од домашната комисија потоа ги разгледуваа тројца странски експерти кои заклучија дека најмалку во девет случаи се изведени непотребни операции.
Министерот за здравство, на почетокот, најавуваше дека извештајот ќе биде јавно објавен. Тоа никогаш не се случи. Сега, откако поминал на затворена седница на Владата, извесно е дека документот се стекнува со степен на доверливост.






