Извинувањето на Мицкоски до народот

Извинувањето на Мицкоски ќе влезеше во аналите на македонската најнова историја ако беше искрено покајување за неправдите, гревовите, криминалот и корупцијата на партискиот врв направени во 11 годишниот режим на Груевски

„Сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО-ДПМНЕ гледам кауза“.

Овие зборови на Христијан Мицкоски претседателот на ВМРО- ДПМНЕ искажани јавно во неговиот илинденски говор во селото Ташмаруништа ќе влезеа во аналите на македонската најнова историја ако беа искрено покајување за неправдите, гревовите, грешките, криминалот и корупцијата на партискиот врв направени во 11 годишниот режим на Никола Груевски и неговите најблиски соработници, а не на „тие луѓе“. Извинувањето ќе беше вистински потег ако се однесуваше и за блокадите во изминатите три години кон добрососедските односи и европеизацијата на Македонија и усвојувањето на западните вредности.

А, кои се тие луѓе што ги направиле неправдите и грешките. Тоа се сите оние кои деновиве бараат одговорност од него за резултатот од изборите. Тоа се, како што рече Мицкоски, товарот на ВМРО- ДПМНЕ, тоа се вмровските јаничари. Еве што за нив кажа Мицкоски: „Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите.

Оние кои денес се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки појаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмислено да истакнам дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ му се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено”.

Кои луѓе се лажните величини

Според Мицкоски тоа се лажни величини кои се воздигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се гнили, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни.
Ова беше извинувањето до народот по три години задоцнување префрлувајќи го целиот товар на ВМРО- ДПМНЕ на погрешна адреса. И овојпат Мицкоски ги премолче вистинските виновници за децениската неправда и заостанување на Македонија на европскиот пат компарирајќи ги сегашните негови противници во партијата со вредностите на западниот свет, како што рече „кон кој се стремиме”. Кој тоа се стреми кон западниот свет?

Тие што ги поставија барикадите за добрососедство, тие што ги отфрлија договорите со Грција и Бугарија, тие што ветија дека ќе ги поништат и ќе направат подобри, или тие што ги повикаа граѓаните да го бојкотираат референдумот, тие што измислуваа и пропагираа загрозена национална припадност, изгубен идентитет, јазик, обезличено име на државата, тие што организираа државен удар и крвопрелевање во парламентот со обиди за убиства во Собранието, тие што ги извршија најголемите грабежи, тие што со години се влечат по судови и кои ја попречуваат правдата со застарување на предметите. Не, ниту еден збор за тие злодела и злосторнички здруженија не кажа Мицкпоски. Тие се уште тука како негова најголема поддршка.

Мицкоски сите гревови ги насочи кон неговите критичари, а не кон оние кои ја блокираа и ограбија Македонија, ја оставија последна во европската чекална. Ни збор за потрагата по пославно античко минато, за новиот антички идентитет, за милијардите фрлени во споменици, гаражи, скапи зданија со кичерајкси барок и рококо. Тие луѓе остануваат и натаму во реформираната ВМРО ДПМНЕ, која го смени статутот менувајќи ги само чаршафите во Белата палата.

Никогаш не изустија покајување

Во говорот повикувајќи се на историското ВМРО во обид да внесе вдахновеност и вознес кај слушателите и во јавноста Мицкоски ги цитираше великаните на Македонија Блаже Конески и Петре М. Андреевски. Не забележав дали во негова близина беа и партиските идеолози, јастреби и лустратори кои Конески го нарекоа џуџето од Небрегово и кои Коста Рацин, Славко Јаневски и плејада македонски дејци ги понижија навредувајќи го македонскиот народ како никој досега.
За таа сатанизација на џиновите на македонската наука и култура никогаш, ни Мицкоски ни било кој од ВМРО- ДПМНЕ не се извини. Извинувањето ќе биде веродостојно кога едно ново раководство на ВМРО- ДПМНЕ ќе собере сила и храброст да се извини на граѓаните на Македонија за сите злодела и неправди направени во ерата на груевизмот отварајќи ги ширум вратите на правдата и ослободувајќи се од сиот тој напластен товар во раководството на партијата. Тоа би било таа комплетно нова генерација на политичари која ги прифаќа западните вредности за која зборува Христијан Мицкоски во Ташмаруништа.

Еве како изгледа едно вистинско извинување за грешките и неправадите кон македонскиот народ искажани од најучениот оснивач на историската ВМРО 1893 година во чија куќа е основана револуционарната организација за автономна Македонија. Иван Хаџи Николов библиотекарот и револуцинер од Солун во своите спомени пишува:„ Мислата дека треба да се напише нешто за Револуционерната организација ми го облива срцето со крв. Да се пишува за една организација , која за резултат го има упропастувањето на Македонија… што ја погреба Македонија и ѝ причини огромни жртви од луѓе и материјални блага, а јас пак се чуствувам како виновен за сите тие злосреќи, дека јас и моите другари станавме причина за револуционизирањето и во последица на тоа – погубувањето на Македонија и на Македонците. Јас му се чудам на македонскиот дух, како тие луѓе не не убија со камења откако го согледаа грозниот и жалниот излез на нашата револуционерна иницијатива. Цела Македонија, како еден човек, со трогнувачка еднодушност тргна зад нас, ни ја даде сета своја поддршка и својата морална доверба, да го водиме кон ослободување, а излезе дека сме го воделе кон упропастување и кон ново уште потешко ропство….“

Ете тоа е еден мал цитат кој често го повторувам како наравоучение од спомените на Иван Хаџи Николов кој носејќи го тој товар на вина, голем комплекс на одговорност и во тешка криза на совеста, притиснат од болест ќе си го одземе животот. Се разбира, од нашите вмровски револуционери и патриоти кои без ниту еден испукан куршум се самопрогласија за наследници на историската ВМРО и за основоположнци на независноста на државата не може да се очекува товар на вина за упропастувањето на Македонија и во 21 век во време без војна, но беше за очекување едно историско покајување до граѓаните на вистинските виновнци за заостанувањето на Македонија зад сите земји на Балканот

Ерол Ризаов

Извор: Дојче веле

Back to top button
Close