Извозниците бараат поддршка за дигитализација, поради КОВИД-19 ќе се промовираат онлајн

Корона кризата наметна изнаоѓање нови, алтернативни начини за реализирање на извозот. Наместо преку саемски манифестации, промоцијата и пласманот на домашните производи ќе мора да се одвиваат онлајн, со користење најразлични интернет алатки, беше речено на денешната работна средба на компаниите од Клубот на извозници и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Арбен Виља што се одржа во Стопанската комора на Македонија.

Компаниите истакнаа дека во наредниот период ќе имаат потреба од помош и поголема поддршка за дигитализација и имплементација на напредните технологии со цел настап на виртуелните саеми, изработка на онлајн презентации, креирање маркетинг стратегии за промоција и стратегија за настап на онлајн пазари преку интернет продажба.

На средбата беше презентирана и новата веб-страница на Агенцијата со порталот за промоција на извозот, како и мерките за финансиска поддршка со акцент на столбот 2 – Пораст на конкурентноста на компаниите за освојување нови пазари и пораст на продажбата.

-Биснисот во наредниот период своите активности ќе ги насочува кон дигитализација на процесите и зголемување на конкурентноста, користејќи онлајн алатки за промоција и продажба на производите, нагласи претседателот на Клубот на извозници, Глигор Цветанов.

Според него, поради настанатата криза со коронавирусот, повеќето планирани саемски манифестации до крајот на 2020 година и почетокот на 2021 година се откажани. Поради тоа се јавува потребата за пренамена на средствата планирани за поддршка на извозните активности на домашните компании.

-Сакам да ја изразам нашата подготвеност за реализација на нови заеднички проекти и очекувам дека од денешните дискусии ќе произлезат конкретни барања, предлози и идеи кои ќе ги имплементираме во нашиот Предлог-буџет за следната година, со единствена цел да додадеме вредност на извозниот процес и на тој начин да ги помогнеме домашните компании, им рече директорот Виља на извозниците.

Темата на средбата беше дефинирање на приоритетните активности за извозна поддршка, во насока на стимулирање и промовирање на извозот.

Back to top button
Close