Jaна Бауер: Низ книжевноста на децата треба да им покажеме како да се живее со другите, како своите слабости да ги инкорпорираат во животот

За важноста на книжевноста за деца, обврската на писателите на децата да им понудат решенија за тоа како да живеат со другите и мултикултуралноста како обележје на добрата книжевност.

фотографија: Небојша Гелевски 

Јана Бауер (1975, Љубљана) е една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели. Дипломира драматургија на Академијата за драмски уметности во Љубљана, а работи како уредничка и преведувачка во издавачката куќа Содобност. Пишува драми, книги за деца, преведува од англиски јазик и има приредено неколку антологии на кратка проза. Нејзините дела се преведени на десетина јазици и се наградени со некои од позначајните награди за детска литература. Во 2020-та година ја доби главната награда на книжевниот фестивал „Друга приказна“ за Грозовила и страшната шума, со цртежи од англиската уметница Керолјан Тау, а неодамна е објавено и продолжението на оваа книга, Грозовила и дивата зима. И двете книги се достапни на македонски, во превод на Лидија Димковска, во едицијата Бајче, на издавачката куќа Артконект.

Во разговор со Лени Фрчоска за Медуза, Бауер зборуваше за важноста на книжевноста за деца, обврската на писателите на децата да им понудат решенија за тоа како да живеат со другите и мултикултуралноста како обележје на добрата книжевност…

Првото прашање ќе биде очекувано прашање, но како ти се случи грозовилата? Арогантна и лута, но зад таа камуфлажа во суштината мека, грижлива и длабоко емпатична. Како дојде до таквиот склоп на спротивставености? Како ти се случи Грозовилата?

Се започна една вечер кога го заспивав својот, тогаш, скоро тригодишен син. Тој пееше „грозовила, грозовила“ што на словенечки не е вистински збор. Туку има две значења – грозна/страшна и вила што значи мала самовила, но и вилушка. Ми се допадна името како некаков антипод. Страшно и убаво. Го прашав „Дали си го прочитал ова во градинка“ ми рече „Не“. Проверив во словенечкиот фолклор и навистина немаше таков лик. За авторските права му платив со голема кутија „лего“. Од тоа име создадов лик. И се запрашав себеси каков карактер има една страшна самовила. И така почнав да ја пишувам приказната. Во секој од нас има по малку „страшна самовила“, лоша и добра во исто време.

Она што е особено битно кај ликот на Грозовилата е тоа што таа во Страшната шума се појавува како туѓинка, како нов лик. Шумата има свои правила, функционира како систем кој е однапред регулиран. Грозовилата е Другиот во тој систем, но интересно, таа не се обидува да се вклопи. Кога лик, особено во детската книжевност, влегува во нов систем, тој прави напор да стане дел од групата, но неа тоа не ја интересира, не се обидува да припадне, нема потреба да се допадне. Дали тој аспект на нејзината личност ти беше битен?

Понекогаш треба да направиме напор да преминеме некои граници, дури и ако се впишани во законот, но не се суштински добри за групата. Групата, односно, во овој случај жителите на Страшната шума се некако спори и заспани, рутинизирани во своите животи. Ним таа им треба токму таква. Да направи нешто кое им се чини невозможно. Таа на тој начин носи живот во шумата, и ги учи многу работи, на пример, дека извесни различности треба да бидат прифатени и инкорпорирани. Внесува некаков тип, да кажеме, мултикултурност во шумата. Таа сето тоа го носи со своето однесување. Не велам дека постојано е во право. Мислам дека за некои нешта треба да им се извини, но секако таа иницира нешто важно кај нив.

Каква идеолошка порака една книга за деца треба да им пренесува на младите читатели?

Мислам дека на детето треба да му се даде комплесен, полнокрвен карактер, затоа што, животот не е црно-бел.  Навистина ја мразам тенденцијата ликовите за деца да бидат само добри, убави и воспитани. Мислам дека треба да им дадеме различности. Добрите книги, оние детски книги кои јас ги сакам се со полнокрвни ликови кои прават добро и лошо и повторно добро. И растат и се менуваат. Добрата книжевност произлегува од вистинскиот живот и тоа треба да им се даде на децата.

Децата, конечно, полесно се идентификуваат со карактер кој им е близок, кој не е потполно добар. Кој, на пример, повремено пцуе, бидејќи и децата пцујат. Но, на крајот мораме овој карактер да го префрлиме на другата страна. Да им понудиме решение. Како да се биде со другите, како да се живее со другите, како своите слабости да ги инкорпорираат во животот. Како и грозовилата која на крајот се вклопи во заедницата и која тие исто така ја прифатија. Тие мораа да учат и таа мораше да учи и на тој начин се променија едни со други.

Јас кога пишувам книга не мислам на политички прашања, сакам да раскажам добра приказна, која потоа сама по себе веројатно пренесува некаква порака во однос на светот во приказната. Кога би мислела на самиот почеток што сакам да напишам, која е мојата политичка позиција и што приказната треба да каже, мислам дека не би успеала да напишам збор. Јас одам со приказната.

Во една прилика, со оглед на тоа што Грозовилата е објавена во 2011-та година, една новинарка во Полска ме праша како сум знаела дека ќе се случи големата мигрантска криза. Јас бев збунета, но таа потоа ми рече дека Грозовилата е мигрантка која потоа е прифатена во Страшната шума. А потоа во 2015 се случи големиот мигрантски бран во Европа. Во една добра книга секој ќе најде нешто.

Знаете, Страшната шума е како една голема трпеза, на која има секогаш еден слободен стол за некој кој можеби ќе сака да седне. Веројатно со таа идеја и ја напишав таа книга. Мултикултурализмот е многу битен во светот денес.

Неолибералниот капитализам ја има тенденцијата да се шири и делумно да ги инкорпорира формите на отпор, со што тие го губат потенцијалот за промена и отпор. Каде е детската книжевност во нелибералниот капитализам и дали успева сè уште да го задржи потенцијалот за преиспитување и отпор?

Мислам дека дека помладата генерација е единствена која е способна да се спротивстави. Кога сме мали сме почисти, поотворено го промислуваме светот, без целосно да ги прифатиме правилата. И секако, читајќи ги вистинските книги, бидејќи книгата е моќно оружје за подоцна кога сме возрасни да ги правиме вистинските нешта. Тоа многу зависи од тоа што читаме и кои идеи ги следиме. Затоа некои книги многу често низ историјата биле забранувани.

 

Мој омилен дел од книгата е приказната со волкот. Очигледна е некоја референца на Црвенкапа која и директно е спомената во романот. Но, тука станува збор за потполно различен волк кој игра поинаква улога.

Овој волк за мене ја претставува слободата. Често кога го живееме животот се чувствуваме затворено. Дури и кога сме среќни со животот кој го живееме замислуваме како би било кога би направиле нешто поинаку, би биле со некој друг, би отишле на друго место. Овој волк ја симболизира таа слобода. И конечно на крајот мислам дека треба да останеме во својот живот. Ако скокаме од едно во друго па во трето место, на крајот ќе бидеме разочарани. Можеби Грозовилата би можела да живее и да остане со волкот. Но сфаќа дека не сака да го направи тоа. Тоа е кратка епизода на бегство.

Значи мислите дека треба да остане во својот живот? Но што ако навистина сака да отиде со волкот?

Кога навистина би сакала да отиде со волкот мислам дека би отишла. Но она што навистина го сакаше беше да остане, но ѝ недостасуваше авантура. И конечно, на крајот, самата си создаде авантура и живот во кој е повторно среќна.

Back to top button
Close