Jулијана Младеновска Тешија со „Куќа“ – добитник на „Антево перо“ за 2022

Јулијана Младеновска Тешија со стихозбирката „Куќа“ е добитник на наградата „Антево перо“ за 2022 година.

Наградата е востановена во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија Анте Попоски. Се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис). Наградата „Антево перо“ подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори.

Како што информира тимот на „Антево перо“, одлуката ја донесе едногласно жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови).

На Конкурсот за петтото доделување на наградата годинава пристигнале 76 стихозбирки, со најразлични поетики и поетски имагинации, од кои во потесен избор за наградата влегле пет стихозбирки: Славица Гаџовска Свидерска „Golgotha Feminarum“, Јулијана Младеновска Тешија „Куќа“, Шифра Имануел „Умоверзум“, Тања Павлеска „Созборка“ и Виолета Танчева Златева „Глуво време“.

Во согласност со пропозициите на Манифестацијата, Комисијата едногласно одлучи да додели и две награди „Антев златник“ за 2022 година на Виолета Танчева Златева за стихозбирката „Глуво време“ и Славица Гаџовска Свидерска за стихозбирката „Golgotha Feminarum“.

– Виолета Танчева Златева е веќе докажана и афирмирана поетеса која и со оваа збирка поезија го потврдува своето мајсторство во зборот. Преку јасниот и прецизен стил, Танчева Златева создава поетски светови кои директно и индиректно комуницираат со реалното и секојдневното, но и со скриеното и фигуративното. Притоа, таа креира поетска реалност во која метафоричноста луцидно се прекршува и менува со директно кажаната реалност на светот кој нѐ опкружува. Силата на оваа поезија е во едноставниот стил кој ги буди сетилата и во истиот момент провоцира реакција кај читателот со што не остава можност за негова рамнодушност, се наведува во соопштението.

„Golgotha Feminarum“ на Славица Гаџова Свидерска преставува поетска збирка која е своевиден храм на жената и женската мака.

-Песните во оваа збирка се гласен женски крик, кој извира од длабочината на тешките судбини на жените. Тие се гласен потсетник за тегобноста и мачноста на женската душа, но и за предрасудите, стигмата и бесчувствителноста на општеството. Со едноставниот поетски израз, Гаџова Свидерска соопштува важни вистини кои заслужуваат да бидат чуени, стои во соопштението.

По темелно разгледување на сите збирки, како што се наведува, Комисијата донесе одлука наградата „Антев часовник“ да ѝ припадне на стихозбирката „Точки во бескрајот“ на поетесата Рената Пенчова.

-Поетската збирка „Точки во бескрајот“ на младата поетеса Рената Пенчова претставува вистинско освежување во македонската поетска мисла. Нејзиниот зрел и јасен стил изобилува со умерена фигуративност што придонесува оваа поезија да се карактетеризира со одлични естетски квалитети кои по стилот и обработените теми се доближуваат до поетиката на великанот Анте Поповски, се вели во соопштението.

Дополнително ќе биде соопштен датумот, местото и терминот на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2022 година и врачувањето на сите награди.

Back to top button
Close